Македонија
Божиновска: Признание и почит за рударите – нема компромис со законот, засилени контроли, државата стои зад сите што чесно работат
Тринаесет рудари од различни рудници низ земјата денеска беа одликувани со признанија за својата пожртвувана работа, во рамки на свеченоста што Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја организираше по повод Денот на рударите.
Меѓу нив е и Страшо Маневски од РЕК Битола – човек со речиси четири децении искуство, кој започнал како сменски инженер, а долгогодишно работел и како технички директор. Признание доби и Златко Пажески од рудникот „Сивец“ во Прилеп, кој секојдневно со гордост и посветеност влегува во јамата и во најтешки услови. Тука се и Драгољуб Димитровски од Тораница, Дарко Величковски од САСА, Тони Ѓоргиев од Боров Дол, Шериф Алиу од Гостивар, Аце Маневски од УСЈЕ, Зоран Стојчев од Гранит, Бранко Ѓорѓиев од СОПОТ, Сашо Гиланов од Суводол и други – сите тие, со својата работа и искуство, се симбол на чесност, труд и издржливост.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање порача дека рударите се „темелот на економијата и незаменлива сила без која нема развој и енергетска стабилност“.
„Вашата работа е животна мисија, а не само рофесија. Затоа државата има должност да ви обезбеди подобри услови, поголема безбедност и современа опрема. Но и да покаже јасна решеност дека во рударството нема компромис со законот“, истакна министерката.

Божиновска потсети дека Министерството во изминатиот период ги засилило инспекциските контроли и теренските посети, а само во последните години биле одземени 45 концесии поради непочитување на правилата.
„Државата ќе ги поддржи сите компании кои инвестираат во безбедноста на рударите, се грижат за животната средина и за локалните заедници. Но, за оние што мислат дека Македонија е место каде правилата не важат, имам јасна порака: времето на компромиси заврши. Законот важи за сите – без исклучок“, подвлече министерката.

Со свеченоста Министерството не само што оддаде признание на рударите за нивниот труд и пожртвуваност, туку и испрати порака дека рударството ќе остане силен и одржлив столб на македонската економија – со врвен приоритет секој рудар да биде безбеден и горд кога се враќа дома.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

