Македонија
Божинов: Алтернативно водоснабдување за Ново Село и Самоилово со нов довод за чиста вода за пиење и покривање на пазарот во Ново Село
Ѓорѓе Божинов кандидат за градоначалник за општина Ново Село од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања за локалните избори 2025 година, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати кон присутните и истакна дека општина Ново Село изминатите четири години ја карактеризираа низа успешно реализирани проекти, фокусирајќи се на целите за наредните четири години за општина Ново Село т.е. програмата која посочи дека е креирана во согласност со потребите на граѓаните, а во насока на решавање на нивните најгорливи проблеми.
„Модернизација на инфраструктурата каде се предвидени асфалтирања на над 35 улици во целата општина од кои само 12 се во Ново Село. Меѓу најприоритетните проекти ќе биде обезбедувањето на алтернативно водоснабдување за Ново Село и Самоилово, со што ќе се обезбеди нов довод за чиста вода за пиење. Покривањето на пазарот во Ново Село со метална конструкција, изградбата на мегапаркот и зеленилото кај спортскиот комплекс „Христо Татарчев“. Ќе ги поддржиме иновациите, претприемништвото создавајќи подобри услови за инвестирање и водење бизнис“.
Божинов, во продолжение од своето обраќање се осврна и на проектите кои значат континуитет во инвестициите во образованието како реконструкција на повеќе училишта, изградба на спортска сала во Колешино, детски рекреативен центар во Старо Коњарево, јакнење на капацитетите во туризмот преку креирање на туристички водич за природните убавини на општина Ново Село. Во делот на социјалната и здравствената заштита посочи на предвидениот бесплатен логопедски третман за деца и бесплатниот оброк за ученици од социјално ранливите категории од прво до петто одделение, како и на изградбата на домот за стари лица.
„Предвидени се реконструкции на повеќе училишта, изградба на спортска сала во Колешино. Изградба на детски рекреативен центар во Старо Коњарево со спортски терени и сместувачки капацитети на местото на старата караула. Изградба и опремување на иновативен тренинг центар за основните училишта во Ново Село и Колешино. Ќе креираме туристички водич за природните потенцијали на нашата општина,а предвидена е и изградба и на нова пешачка и рекреативна патека од Колешино до Мокринските Извори, со мојот тим сплотено и изречно сме против рудници и против било какви загадувачи на територијата на општина Ново Село. Воведуваме бесплатен логопедски третман за деца и бесплатен оброк за ученици од социјално ранливи категории од прво до петто одделение. Реализација на проектот „Нега во домот“ и лична асистенција на лица со попреченост. Поранешната касарна во Ново Село ќе биде дадена под концесија за изградба на дом за стари лица. Пристапни рампи ќе бидат поставени на сите државни институции и главни сообраќајници“, рече Божинов.
На крај, Божинов ги повика граѓаните на општина Ново Село на 19 октомври да го направат вистинскиот избор, да го заокружат бројот 9 за градоначалник и бројот 9 за листата на советници на ВМРО-ДПМНЕ, за општина Ново Село да продолжи по патот на развојот и просперитетот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

