Македонија
Бомбата фрлена во клубот во Тетово била активирана, но не експлодирала, соопшти полицијата

Министерството за внатрешни работи објави дека бомбата којашто беше фрлена утрово во клубот на Партијата за целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР) во Тетово била активирана, но не експлодирала.
Се работи за рачна бомба Ф1 којашто потоа била подигната од Единицата за антитероризам.
Од МВР информираа дека нема повредени лица, а било скршено само стаклото од излогот.
„Веднаш по пријавата биле преземени мерки и било констатирано дека се работи за угостителски објект кој повремено се користи и како клуб од една политичка партија“, велат од МВР и додаваат дека се преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот.
Претхно за случајот се огласи и претседателот на ПЦЕР, Самка Ибраимовски, кој рече дека целиот настан е евидентиран преку камера, која служи за видеонадзор и тој верува дека лицето ќе биде најдено. Истакна и дека лицето ја фрлило бомбата, па се вратило за да провери дали е активирана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Уште еден вознемирувачки напад врз бугарски државјанин во Северна Македонија!“, напиша Ковачев

„Сериозно сум загрижен од она што се случи денес со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска – бугарска државјанка. Ги повикувам Министерството за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопјe веднаш да ѝ обезбедат правна, конзуларна и морална заштита“, напиша бугарскиот европратеник Андреј Ковачев на социјалните мрежи.
„Ова е уште еден случај на насилство, малтретирање и јавно линчување врз бугарски државјани кои држат високи јавни функции и стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско потекло – само затоа што се осмелиле да се изјаснат како Бугари.
За жал, притисокот е толку силен што нашите сонародници се принудени да го кријат или негираат својот бугарски идентитет. Сличен случај неодамна беше со министерката за енергетика Сања Божиновска, со неколку пратеници од владејачката ДПМНЕ, како и со луѓе од најблискиот семеен круг на сегашниот, минатиот и претходните премиери на земјата.
Бугарската држава има должност кон своите над 216.000 бугарски државјани во Република Северна Македонија, кои станале такви по своја слободна волја, го докажале своето бугарско потекло со документи и со свој потпис изјавиле дека сега се чувствуваат како етнички Бугари. Бугарија е должна да ги заштити нивните права, безбедност и човеково достоинство“, додаде Ковачев.
Македонија
„Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски се огласи на социјалните мрежи, по нападот врз градоначалничката Данела Арсовска.
„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок.
Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство.
И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.
Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.