Македонија
Борисов: Во Брисел се одвиваа процеси за Северна Македонија, губиме време, мора да застанеме цврсто зад ставот и да формираме влада
Јас сум оптимист за формирање влада бидејќи она што го гледам на меѓународен план само нè обврзува како народ, како држава, да имаме таква влада. Ова го изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, пред новинарите, пренесе „Бгнес“.
Борисов рече дека влијанието на Србија, Грција и Турција на Западен Балкан е огромно.
„Унгарија сè помоќно се вклучува во овој процес. Ние како лидери на Балканот, едноставно, ги набљудуваме процесите и ништо добро не нè чека ако тоа не се случи. Мислам дека Бугарија може и треба да се врати и да застане онаму каде што беше пред четири години“, рече тој.
Лидерот на ГЕРБ вчера имаше подолг разговор со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
„Од разговорот разбрав дека во текот на овие години во Брисел во нашите партнерски земји во НАТО се одвиваа многу процеси за Северна Македонија, се изгуби многу време, бев изненаден од објаснувањата што требаше да ги дадам. Мораме да формираме влада и да застанеме многу цврсто зад нашиот став“, рече Борисов.
Во врска со посетата на унгарскиот премиер, Виктор Орбан, на Бугарија, како и неговата претстојна средба со претседавачот на ГЕРБ, Борисов истакна дека му е мило што Орбан доаѓа во земјата и ќе може да се види со него, но тој повторно нагласи: „Ние бевме лидери кога јас бев премиер на Бугарија – не друга земја“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

