Македонија
Браќа од Битола обвинети за ширење детска порнографија, собирале интимни снимки од малолетнички
Битолското Јавно обвинителство поднесе обвинение против двајца браќа од Битола на возраст од 51 и 52 години, од кои едниот се товари за продолжено кривично дело – прикажување порнографски материјал на дете, а двајцата како соизвршители сториле и кривично дело – производство и дистрибуција на детска порнографија.
Првиот обвинет во периодот од јули до септември 2016 година злоупотребил девојче, кое тогаш било на возраст од 13 години, за изработување слики со порнографска содржина.
Преку фејсбук-профил со друго име во повеќе наврати комуницирал со девојчето преку лажни онлајн-адреси физички лоцирани во Нов Јужен Велс, Австралија, каде што обвинетиот престојувал од 30 март 2016.
Притоа го убедил девојчето, за кое знаел дека е малолетно и нема навршено 14 години, да направи интимни видеоклипови со порнографска содржина.
Кога девојчето му ги испратило снимките зимата 2017 година, тој овие видеа со детска порнографија ги прикажал на друго девојче, кое не наполнило 14 години, испраќајќи му ги од истиот фејсбук-профил во порака.
Во периодот меѓу 9 септември 2010 година и 30 март 2016 година во Битола, обвинетите браќа, како соизвршители, преку компјутерски систем набавиле и поседувале над 8.000 слики и видеа со содржина на детска порнографија, сочувани на харддиск и ДВД, кои биле пронајдени и одземени при претрес на нивната куќа.
Фотографии со детска порнографија биле пронајдени и при проверка на нивните мобилни телефони.
Еден од обвинетите во текот на истражната постапка подолго време им бил недостапен за органите на прогонот, па неговото присуство во текот на постапката било обезбедено во постапка за екстрадиција со помош на Интерпол и надлежните органи на Грција.
Некои од доказите во прилог на обвинителниот акт биле обезбедени преку инструментите на меѓународна правна помош од Австралија.
Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Битола доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за првиот обвинет, кој се наоѓа во притвор по апсењето во Грција и екстрадирањето во земјата.
Како основ за продолжување на притворот се наведува опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, како и можност да го повтори делото што му се става на товар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

