Македонија
Британскиот министер за одбрана ѝ порача на Шекеринска: Добре дојдовте во НАТО
„Добре дојдовте во НАТО“, ѝ порача британскиот министер за одбрана, Бен Валас, на министерката Шекеринска на средбата во Лондон. Средбата се реализира во пресрет на Лидерскиот самит на НАТО-алијансата каде за првпат нашата држава активно учествува на состанок на шефовите на држави и влади на земјите членки.
„Ги цениме бргу завршениот процес за ратификација на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО и континуираната британска поддршка на одбранбените реформи. Нашиот фокус ќе биде развојот на способности и капацитети како членка на НАТО“, рече министерката Шекеринска и додаде дека во споредба со 2017 буџетот за одбраната е дуплиран, а над 20% од буџетот за 2020 е наменет за опремување и модернизација на Армијата.
Шекеринска рече дека преку интензивната советодавна помош од страна на Обединетото Кралство, со повеќе советници во доменот на одбранбените реформи и трансформацијата на Армијата, Северна Македонија успешно го спроведе пристапниот процес во НАТО.
Британскиот министер за одбрана, Валас, изрази задоволство од фактот што Северна Македонија е пред последниот чекор до полноправно членство во НАТО. Тој рече дека Обединетото Кралство силно ја поддржува политиката на отворени врати на алијансата и е подготвено да ја даде сета потребна поддршка во развојот на подофицерскиот кадар и во обуката на Лесната пешадиска баталјонска група.
Северна Македонија и Обединетото Кралство се вистински сојузници во алијансата, пријателски земји кои имаат исклучително развиена и одбранбена соработка, се согласија министрите за одбрана на двете земји.
Интензивната одбранбена соработка помеѓу двете земји опфаќа голем број полиња, вклучувајќи и школување на припадници на Армијата на најпрестижните воени школи во Велика Британија како Кралскиот колеџ во Лондон, Командно-штабниот колеџ во Шривенам, Универзитетот Кренфилд, Кралската воена академија Сендхрст и колеџот Кранвел, каде континуирано бележиме одлични резултати, соопшти Министерството за одбрана.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

