Македонија
Бугарскиот пратеник Костадинов од Скопје: Македонија е втора бугарска држава
Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов на отворањето на Културно-информативниот центар на Бугарија во Скопје го повтори радикалниот став дека Македонија е втора бугарска држава, односно треба да бидеме една држава, која ќе се протега од Црното Море до Охридското Езеро.
„Се разбира, Македонија е втора бугарска држава. Секој Бугарин во Бугарија ја сака Македонија, ние сме еден народ, зборуваме еден јазик и имаме заедничка култура. Јас ништо не ве убедувам, имате глава на рамењата. Јас ви велам ли како да се чувствувате? Зошто тогаш на луѓето тука, кои сакаат да се чувствуваат како Бугари, им забранувате така да се чувствувааат? Со вас зборувам еден ист јазик, се разбираме. Јас немам против да се чувствувате како Македонци“, рече тој.
Костадинов и неколкумина негови колеги од партијата во центарот на Скопје ги негираа македонската посебност и историскиот факт дека тогашна фашистичка Бугарија нѐ окупирала, а не нѐ ослободила како што сметаат тие.
„Бугарија и Македонија воделе војна, кога било тоа? Имавте ли држава во Втората светска војна? Дајте ми документи каде што има окупација. Тука се создадени комитети што ги пречекале бугарските војски. Кој ги избрка германските војски, нашите војски ве ослободиле.
Документите тоа го велат.
На прашањето дали има одговорност и дали треба да се извини за своите изјави што среде Скопје вели дека Македонија е бугарска, тој рече дека не сака да лаже.
„Зошто да се извинувам, не терајте ме да лажам. Некои од вас мислат дека се Македонци, други не мислат така. Не се 3.500 Бугари, туку повеќе. Има многу граѓани со бугарски пасоши. Да си ја зборуваме вистината. Бугарија и Македонија, кои треба да бидат една, еден народ, кој треба да биде од Црното Море до Охридското Езеро. Не се чувствувам во туѓа земја и затоа не сметам дека тоа ќе биде окупација“, рече Костадинов.
Орце Костов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нова состојба по обилните врнежи: Поплавени подруми и куќи во Охрид, Кичево, Битола, Тетово и Гостивар
Центарот за управување со кризи ја објави новата состојба до 13 часот по обилните врнежи од дожд во земјава.
Во Охрид и околината, поради обилните врнежи од дожд, има поплавени подруми, дворови и неколку објекти во градот. Некои водотеци се излеани, а локалната самоуправа и кризниот штаб се на терен, додека екипите на ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат и ја отстрануваат водата.
Во Кичево и околните населби се појавува вода во подрумските простории и на дел од површините. Дел од граѓаните се евакуирани и сместени во привремени објекти со обезбедена храна и здравствена заштита. Поплави се забележуваат на одредени водотеци и земјоделско земјиште. Општината и Црвен крст Кичево обезбедуваат сместување, храна и лекови, додека ЈП „Комуналец“ интервенира на локациите со излеана вода, а екипи на итната медицинска помош ја обезбедуваат здравствената заштита на евакуираните лица.
Во регионот на Битола зголемен е водостојот на локалните реки со појави на локални излевања, при што се поплавени куќи, дворишта и дел од земјоделските површини. Механизацијата на општините е на терен за санација на штетите, а Кризниот штаб организира приоритети за дејствување на екипите кои се на терен.
Во Тетово и околината има пријави за уривање на потпорни ѕидови и локални излевања на водотеци. Полициските службеници извршуваат увид на местата со уривање на ѕидови, додека механизацијата на општината интервенира за расчистување на свлечишта и санација на штети.
Во Гостивар и околината се регистрирани поплави на локални патни правци и во неколку населени места. Екипите на ЈП „Комуналец“ интервенираат на локациите со поплавена инфраструктура, а механизацијата од Водостопанство излегува на терен за чистење на свлечишта и санација на штети.
Македонија
Левица: Административна тортура врз повредените во „Пулс“, секој месец мора да се појавуваат пред комисии
Со тешки изгореници, незараснати рани и длабоки психолошки трауми, повредените од смртоносниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ се принудени секој месец да се појавуваат пред комисии за продолжување на боледувањето. Уште од првите денови по пожарот лекарите укажуваа дека дел од повредените ќе се соочат со лекување што ќе трае со години. Наместо државата да го земе тоа во предвид и да обезбеди мир, стабилност и непречено лекување, таа ги изложува на дополнителен физички, психолошки, административен и финансиски притисок, кој го загрозува и нивното закрепнување, велат од Левица.
Според партијата, дополнително загрижува фактот што постојната законска регулатива за боледување е крута за вакви трагедии. Од Левица велат дека според важечките прописи долгорочно боледување се продолжува преку месечни лекарски комисии, со временски ограничувања и административни процедури кои се целосно несоодветни за масовна трагедија со тешки телесни и психички последици.
„Токму затоа државата уште од првиот момент имаше морална должност да изнајде начин за решавање на овој правен вакум. Државата во изминатава речиси година од трагедијата требаше да донесе посебен указ, подзаконски акт или да направи интервенција во законите за да обезбеди автоматско и долгорочно боледување без месечни комисии за сите повредени. Освен што владата на ДПМНЕ не се заангажира тоа да го направи дополнително им отежна повредените. Иако Владата на ДПМНЕ по трагедијата најавуваше апсолутна помош, реалноста е поинаква – не е обезбедена никаква финансиска поддршка ниту за семејствата на загинатите, ниту за повредените. Трошоците за патувања за лекување во странство, скапите креми, силиконски лепенки и медикаменти неопходни за долгорочна нега, целосно паѓаат на товар на семејствата“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека најсрамен пример за институционална бесчувствителност е фактот што државата не само што не помогна, туку од хуманитарната солидарност на граѓаните наплати и данок од милион денари.
„Средствата собрани преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, наменети за помош на настраданите, беа оданочени од државата, наместо самата да застане зад тие луѓе. Додека граѓаните покажуваат човечност и солидарност, институциите демонстрираат ладна бирократија и финансиски апетит. Левица смета дека е недозволиво државата да ги малтретира повредените со месечни комисии, да не обезбеди непречено боледување до конечно излекување, да не покрие трошоци за лекување, патувања и медицинска нега, а притоа да оданочува хуманитарна помош и да троши милиони на папаја во владината луксузна кујна“, се наведува во соопштението.
Македонија
Патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила
Од 11.00 часот патниот правец Струга-Ќафасан е пуштен за сите видови возила, информира АМСМ.
Од таму најавија дека денеска граничниот премин Богородица, односно ГП Евзони од 17 часот ќе биде затворен за сите видови на возила.
„Поради протест на грчките земјоделци, од денес 08.01.2026 г. со почеток во 10:00 часот на ГП Ники (ГП Меџитлија) ќе има забрана за движење на товарни возила во наредните 48 часа заклучно со 10.01.2026 г. во 10:00 часот. Сообраќајот за патнички моторни возила ќе се одвива со нормален тек“, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по влажни коловози.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Куманово, Страцин, Крушево, Железнец, како и на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.

