Македонија
Бугарски обвинители во Скопје треба да ги преземат ДНК-примероците за идентификација на жртвите
ДНК-анализите на примероците земени од семејствата на загинатите во тешката автобуска несреќа во Бугарија, кои се вршат на Институтот за судска медицина во Скопје, треба да бидат завршени до денеска напладне.
Јавното обвинителство ги очекува истражителите од Бугарија денеска да ги подигнат овие примероци и извршени анализи, изјави јавниот обвинител Љубомир Јовески.
Тој појасни дека шпекулациите за евентуален осми преживеан патник од несреќата ќе се расчистуваат со споредба на листите од граничните премини на двете земји.
Заменик-главниот обвинител и директор на Националната истражна служба, Борислав Сарафов, вчера во Софија изјави дека човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“.
Портпаролката на главниот обвинител во Бугарија, Сијка Милева, вчера изјави дека за време на истрагата еден од преживеаните во несреќата сведочел дека 8 луѓе биле спасени, а не 7 и дека 44 тела биле најдени на местото на трагедијата.
Владата формира тим за пренесување на повредените и телата на загинатите од Бугарија во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање анкетна комисија за пожарите во Кочани и Тетово и за несреќите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“
Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ поднесоа Иницијатива за формирање анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Македонија, изјави пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој појасни дека анкетната комисија ќе има за цел утврдување на одговорност на функционери, носители на јавни функции и други поврзани лица, како и да ги утврди околностите за постапувањето на институциите за следните трагедии и несреќи: пожарот во „Пулс“ во Кочани, пожарот во модуларната болница во Тетово, сообраќајната несреќа на „Дурмо Турс“ во Ласкарци и сообраќајната несреќа на „Беса Транс“ во Бугарија.
„77 – те потписи се доказ дека ние не сакаме да ги политизираме овие трагични настани туку сакаме да помогнеме засегнатите да добијат правда. Сите прашања мораат да бидат одговорени, а сите случаи треба да го добијат неопходниот епилог. Анкетната комисија ќе се формира врз основа на член 124, став 5 од Деловникот на Собранието. Ќе ја сочинуваат 15 членови и нивни заменици, од кои: седум членови ќе бидат предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, два од пратеничката група СДСМ, два члена од пратеничката група ЕВРОПСКИ ФРОНТ, два члена од пратеничката група на ВРЕДИ, еден член од пратеничката група на ЗНАМ и еден член од пратеничката група на ЛЕВИЦА. Со неа ќе претседава пратеник од редовите на опозициските партии“, рече тој.
Стојаноски појасни дека форматот, односно составот е клучната разлика што ја прави оваа комисија деловничка и легитимна, за разлика од некои други обиди во минатото.
„Комисијата ќе изготви наоди кои ќе бидат основ за поведување на постапка за утврдување на одговорност на сите инволвирани кои придонеле кон случување, односно не придонеле кон спречување на овие трагични настани. Секоја пратеничка група има право да предложи листа од сведоци и експерти. Секој сведок или експерт поканет да даде изјава пред Анкетната комисија има обврска да се појави пред пратениците. Притоа, комисијата ќе изготвува извештаи кои ќе се доставуваат до Владата на Република Македонија и Јавното обвинителство“, рече тој.
Стојаноски ги повика пратениците и од другите политички партии да се приклучат кон оваа иницијатива.
Македонија
Промовиран Ресурсниот центар за развој на општините
Министерството за локална самоуправа денеска беше домаќин на настанот за промоција на Ресурсниот центар за развој на општините. На настанот свои воведни обраќања имаа ресорниот министер, Златко Перински, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на Владата Игор Јанушев, Амбасадорот на Швајцарија Кристоф Зомер и постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации –УНДП, Армен Григорјан.
„Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото кое што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото кое што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик“, нагласи Перински.
На настанот, покрај градоначалниците, присуствуваа и ректорката на УКИМ, главниот државен ревизор, експерти од различни области, претставници на донаторски организации и други државни институции.
„Овој центар не е само нова институционална структура. Тој е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност. Проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици, преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати“ , истакна Мицкоски.
Швајцарија е партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија, со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот. „Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка, туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат привремени решенија, туку трајни трансформации кои ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности.“, истакна амбасадорот Зомер.
Македонија
Мицкоски со порака до градоначалниците: Разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, побарајте експертска помош
Сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост – ова е мудрост во управувањето, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на отворањето на настан по повод воспоставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.
Тој информира дека проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура.
„Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати. Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека иако изминатите две децении се вложени значајни напори за развој на децентрализацијата, резултатите сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат.
„Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните – и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни. Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој. Зајакнувањето на општините не е трошок – тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради“, рече Мицкоски.

