Македонија
Бугарски пасоши добиваат и претседателите на бугарските клубови во Македонија
На свечена церемонија бугарскиот претседател Румен Радев ќе им ги врачи бугарските лични документи на Љубчо Георгиевски и на Благој Шаторов – претседателот и секретарот на затворениот бугарски клуб од Битола „Иван Михајлов“.
Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ги потпиша указите за стекнување бугарско државјанство врз основа на нивното бугарско потекло, јавува БНТ.
Пред една недела, на официјална церемонија и со интонирање на химната Јотова му врачи буагрски документи на секретарот на затворениот бугарски културен клуб во Охрид, Христијан Пендиков. Потпретседателката во таа пригода го опиша Пендиков како храбар млад човек, кој и покрај провокациите, останал верен на бугарската самосвест и идентитет.
Пендиков подоцна, во интервју за БНТ, истакна дека сè уште има многу македонски Бугари, како што се претседателите на бугарските клубови, кои немаат бугарско државјанство, а за ова доставиле документи пред повеќе време.
„Најистакнатите македонски Бугари, тие што најмногу се борат, кои добиваат најмногу закани, тие немаат бугарско државјанство, но тие пред многу години поднеле документ за бугарско државјанство и чекаат, им треба помош“, рече Пендиков во интервјуто.
Пендиков е родум од Охрид. За јавноста непознат додека не беше натепан, инцидент што потоа беше политизиран. Како причина беше наведено тоа што Пендиков се декларира како Бугарин, а се зборуваше дека тој имал нерасчистени сметки со напаѓачите. Тој беше секретар на сега згаснатиот бугарски клуб во Охрид, со контроверзно име „Цар Борис III“.
Против него се води и предмет во охридското Обвинителство поради омаловажување на македонскиот народ и Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Проштална средба на Гаши со американската амбасадорка Агелер
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија, Ангела Агелер.
На средбата, претседателот Гаши изрази благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Посебно беше нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот Гаши упати благодарност и до Амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Северна Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евроатлантската ориентација на земјата. Во тој контекст, беше нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Претседателот Гаши нагласи дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој, исто така, изрази уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.
Македонија
Утре без вода дел од Центар
Утре без вода ќе останат дел од корисниците од Општина Центар.
„Од ЈП Водовод и Канализација добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) поради поврзување на водоводна и хидрантска мрежа за стариот објект на Комерцијална Банка на плоштад Пресвета Богородица бр. 3 од страна на фирмата Бауер БГ, во периодот од 08.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат објектите на МНТ, Музичкото Училиште, Министерството за Транспорт и Врски, како и Управата за издавање на матични книги“, информира РЦУК – Скопје.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.

