Македонија
Вакцинацијата на здравствените работници ќе заврши најмногу за две недели, најави Филипче

Исклучително е висок процентот на здравствени работици коишто покажаа интерес да се вакцинираат, оцени министерот за здравство Венко Филипче.
Како што најави, во следниот период, не повеќе од 10 до 14 дена, ќе биде завршен процесот на имунизација на сите здравствени работници, близу 4.000 коишто работат со ковид-пациенти.
„Задоволни сме и од одзивот и од тоа како се спроведува вакцинацијата“, истакна Филипче.
Министерот изјави дека околу 180 илјади граѓани се регистрирани во системот „Мој термин“ со возраст над 70 години и хронични болести.
„Од нив, 50-тина илјади се веќе пријавени преку веб-страницата Vakcinacija.mk или преку матичните лекари за вакцинација, меѓутоа ние имаме и дополнителни механизми коишто ќе ги активираме да се повикаат. Тоа е нешто на што и сега тимот кој е задолжен активно работи“, истакна Филипче.
Посочи дека утрово директорот на Стопанска банка на средбата по повод донацијата му посочил дека интересот во Грција на здравствените работници е многу мал, околу 25%.
„Сметам дека интересот на нашите лекари и медицински сестри е одличен сигнал за целокупното население тие да се вакцинираат. Дополнително, ние планираме и кампањи, повици преку матичните лекари. Искрено верувам дека исто како што тоа го направивме кога беше епидемијата со морбили, ќе го направиме и сега“ – потенцираше министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Извршниот одбор на СДСМ утврди уште нови 4 кандидати за градоначалници

Со одлука на Извршниот одбор на СДСМ на вчерашната попладневна седница е дадена согласност за уште четири нови кандидатури за градоначалници за претстојните локални избори:
Едис Хасан – кандидат за градоначалник на Шуто Оризари.
Жика Стојановски – кандидат за градоначалник на Илинден.
Игор Христов – кандидат за градоначалник на Кочани.
Исуф Синани – кандидат за градоначалник на Долнени.
Со ова, СДСМ веќе има објавено 64 кандидати за градоначалници од СДСМ во 64 општини ширум државата.
„Сите кандидати на СДСМ се луѓе со интегритет, докажани кадри со желба за работа и јасна визија за развој на своите општини.
Кандидатите на СДСМ ќе бидат гласот на граѓаните, ќе работат за решавање на секојдневните проблеми, за подобрување на квалитетот на живот и развојот на општините“, велат од СДСМ.
Македонија
ДОМ со поддршка за петицијата на О2: Стоп за ново јавно-приватно партнерство за Дрисла

Зелената партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поддржува онлајн петицијата на Иницијативата О2 и ги повикува граѓаните да ја потпишат, за да се спречи ново јавно-приватно партнерство и да се обезбеди Дрисла да остане во јавна сопственост, велат од ДОМ.
„Петицијата е важен граѓански механизам со кој се испраќа јасна порака дека Скопје мора да добие современ, одржлив и јавно контролиран систем за управување со отпад, а не повторување на истите неуспешни и сомнителни модели од минатото.
ДОМ оценува дека загадувањето од депониите и честите пожари веќе станаа сериозен здравствен ризик. Наместо ад-хок решенија, потребна е стратегија која ќе овозможи минимално депонирање, искористување на европски фондови и долгорочна цел за „нула отпад“, по примерот на европските градови.
Заедно можеме да ја промениме иднината на Дрисла и да обезбедиме чист воздух за сите. Затоа, ве повикуваме да ја поддржите граѓанската иницијатива и да ја потпишете петицијата ОВДЕ“, соопштуваат од ДОМ.
Македонија
„Кој им наредил на АНБ и АР да го следат и прислушуваат Мицкоски“: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага од Обвинителството

„ЈО да реагира со темелна и транспарентна истрага и да го расчисти случајот. Неопходно е ЈО да почне да работи и да го расчисти скандалозниот случај со прислушкувањето на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Мицкоски како и новинари и бизнисмени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните 5 години живееле во заробена држава, каде се прекршувале основните човекови права.
Пет години претседателот Мицкоски и десетици други, биле предмет на незаконски следења и прислушување од страна на безбедносните служби под контрола на СДС.
5 години СДС и ДУИ грубо ги прекршувале законите и ги злоупотребувале институциите.
АНБ и АР биле во служба на политичката мафија, додека ЈО и Љупчо Коцевски дејствувале и работеле во интерес СДС и ДУИ и прикривање на криминалот.
Неопходно е ЈО да престане да ги штити антидемократските структури на СДС и ДУИ.
ЈО да започне да работи во интерес на владеење на правото и правдата и враќање на довербата во институциите, во спротивно довербата на народот во правосудството од 2 проценти ќе биде нула.
Коцевски да започне да работи, бидејќи и самиот е виновен и директно одговорен за минимум довербата во правосудните органи. Одговорност мора да има.
ЈО да даде одговор кој стои зад наредбите на АНБ и АР? И кој се е дел од оваа мрежа на незаконско следење?“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.