Македонија
Василевска: Рашковски повторно е фатен во огромен скандал, Обвинителството да преземе итни мерки
Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција упати нови обвинувањата до Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, повикувајќи се на нова аудио снимка објавена на медиумите. Василевска рече дека Рашковски повторно е фатен во огромен скандал, поврзан со фирмата „Леонардо“, каде пред да биде доделена понудата наложува да се разговара со фирмата спротивно на законот.
„Единствено ќе разговараш за цената, а нема да разговараш за концептот“ – му наредува Рашковски на Климент Чепуњовски, стои во новата аудио снимка објавена во медиумите за набавка на 7 милионскиот АТМ систем за потребите на М-НАВ, рече Василевска.
„Што е тоа што во концептот е фиксирано, за кој не смее да се преговара? Дали нешто е однапред договорено од страна на Рашковски?
Според објавеното во медиумите Драги Рашковски усно му наредува на Чепуњовски да одлучи во врска со случајот. Според слушнатото од аудио разговорот се наметнува уште едно прашање, што е предмет на истрага, а го прават лицата кои се предмет на аудио снимката? Признава ли Рашковски директно дека набавката е криминална и може да биде предмет на истрага? Сметаме дека е крајно време е Јавното обвинителство да се заинтересира за овој случај со 7 милионската аванта која Драги Рашковски по насока од страна на Зоран Заев ја договара со фирмата Леонардо“, порача Василевска.
Таа нагласи дека Јавното обвинителство треба да превземе итни и неодложни мерки за обезбедување присуство, како што е определување на мерката – притвор, со што ќе се спречи можноста Рашковски да се впушти во бегство, да го повтори делото или да влијае на сведоци, бидејќи за делото кое може да му се стави на товар е предвидена казна затвор од најмалку 5 години.
Обвинителството, вели Василевска, треба дотолку повеќе да се позанимава со Рашковски, бидејќи во медиумите излегоа и обвинувања од страна на Ваљон Бела, поранешен директор на Клиничкиот центар – Скопје дека токму Рашковски зема мито за сите тендери на Клинички.
„Почитуван, господин Љубомир Јовевски, Ве молиме надминете го стравот и постапете согласно закон, а не по налогот на Зоран Заев.
Исто така го повикуваме Зоран Заев конечно да собере храброст и да го разреши својот миленик Драги Рашковски од функцијата Генерален секретар на Владата за тој да биде во можност да одговара пред институциите и пред правдата. Време е за одговорност. Правото мора да се почитува. Право и правда за сите македонски граѓани, правда за македонскиот народ“, истакна Василевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Димитриевски на првиот работен ден во новиот мандат: Најавувам над 30 инфраструктурни проекти во наредниот период
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, на првиот работен ден од неговиот трет мандат изврши увид на повеќе теренски активности при што најави над 30 инфораструктурни проекти во периодот што следи.
„Почитувани сограѓани, прв работен ден по изборот, овде сме во населба Зелен рид, на улица Васко Карангелески. Улица којашто носи име на еден наш великан, вистински патриот. Сакам од овде да најавам дека во следниот период започнува реализација на повеќе од 30 инфраструктурни проекти во различни делови на градот, со акцент на централното градско подрачје, големите урбани населби и урбано-руралниот дел во градот.
Продолжуваме заедно, ви благодарам на довербата. Куманово заслужува континуитет, вчера тоа го доби, го потврди. А моја обврска е да продолжиме заедно да го градиме Куманово”, истакна Димитриевски .
Македонија
(Видео) ДИК ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори
Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните официјални резултати од вториот круг на локалните избори.
Гласањето како што информираше претседателот на ДИК, Борис Кондарко, било спроведено во 32 општини и во градот Скопје, со вкупно 1.013.357 избирачи.
„Бројот на избирачки места беше 1.777, сите избирачки места се обработени со оригинални записници, вкупниот број на избирачи кои гласале е 424.923 лица, вкупниот процент на избирачи кои гласале е 41,93 отсто“.
Вкупниот број на важечки гласачки ливчиња, како што кажа Кондарко е 404.464 гласачки ливчиња а 23.930 се неважечки.
Во десетте скопски општини гласале вкупно 474.304 избирачи, а на територијата на градот 167.575. Од нив, како што посочи претседателот на ДИК, 157.047 гласачки ливчиња биле важечки, а 10.528 неважечки.
За кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Орце Ѓорѓиевски, гласале 95.572 лица или 57,03 отсто, додека за кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, гласале 61.475 или 36,69 отсто од гласачите.
Кондарко посочи дека од денеска од 16:30 часот течат роковите за евентуални приговори на првичните официјални резултати. Приговорите може да се поднесат директно до ДИК во рок од 48 часа, поднесување на приговори по електронска пошта не е дозволено.
Ако до среда до истекот на рокот, не бидат поднесени приговори, за местата каде нема приговори ДИК ќе ги објави конечните резултати во четврток. Доколку има приговори, Комисијата има рок од 72 часа за одлучување, а потоа следи 24-часовен рок за поднесување тужби до Управниот суд. Управниот суд има рок од 48 часа за одлучување, што значи дека конечните резултати ќе бидат објавени најдоцна до понеделник или вторник.
Македонија
Граѓаните им удрија шамар на криминогените политичари, велат од Зелен хуман град
На локалните избори, граѓаните јасно и недвосмислено им покажаа на актуелните и владејачки и опозициски криминогени политичари и нивното коруптивно функционирање дека се непожелни во оваа држава, како и дека им е смачено од истите националистички наративи, истите празни ветувања и истата токсична политичка пропаганда која е сеприсутна во јавниот дискурс истакнуваат од граѓанската иницијатива Зелен хуман град.
Според нив, во првиот круг на локалните избори била забележана, како што велат, најниска излезност од независноста на Македонија.
„Првпат под 50%, во четири општини не беше исполнет ни цензусот да гласаат минимум една третина од избирачите поради што изборите за градоначалник ќе се повторат, имаше рекордни речиси 54.000 неважечки гласачки ливчиња за градоначалници и над 50.000 неважечки ливчиња за членови на советите. Во вториот круг на изборите беше забележана историски најниска излезност од само 40%, а за градоначалник на Град Скопје гласале едвај 35% од граѓаните. Повторно беше забележан и голем број на неважечки ливчиња“.
Како што оценуваат, таквите изборни факти не се апатија, туку се протест.
„Вакви изборни резултати укажуваат дека освен партиските приврзаници кои гласаат затоа што се дел од овој партиско-капиталистички систем во кој државните институции се целосно картелизирани и ставени во служба на големите партии и имаат личен интерес да гласаат (поради хонорар, вработување, тендери и слично), огромен број на граѓани сметаат дека во моментот не постои политичка опција која го заслужува нивниот глас. Но, како би можела да постои, доколку самите граѓани не ја создадат?
Појаснуваат дека тие почнле како граѓанска иницијатива со намера не само нивното делување туку и нивната форма, како што велат, да бидат контратежа на големите партии.
„Нашето постоење ја разоткри вистината дека вистинската промена не доаѓа од тие што го создадоа системот, туку од луѓето кои имаат храброст да му се спротивстават. Ја согледаа заканата која им ја претставуваме и стануваат сѐ подрски во методите на задушување на граѓанскиот глас. Принудени сме да се приспособиме за да останеме во борбата!
Затоа ве повикуваме сите вас кои сте незадоволни од актуелната состојба во Македонија – од енормниот степен на загадување, екстремната суровост кон бездомните животни, нефункционалните институции кои служат единствено за партиски потреби, а не за потребите на граѓаните, партиската узурпација на секој јавен ресурс и од многу други неправилности – да ни се придружите во Зелен хуман град.
Дај го својот потпис за да формираме партија со која ќе можеме непречено и заеднички да се бориме за позелено и похумано општество“.

