Македонија
Василевска: Сè погласни се реакциите дека пописoт ќе биде израз на политички договор
Законот за попис беше донесен без потребниот политички консензус во Собранието и спротивно на сите лажно декларирани заложби од владејачкото мнозинство, рече денеска на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.
Според неа, вака истурканиот закон остава тежок сомнеж во општеството дека пописот наместо статистичка се планира да се изведе како политичка операција.
„Власта се одлучи сиот овој процес од креирање на законско решение па и до затворање на пописните резултати да го спроведе сама, без опозицијата. Власта донесе закон за попис што создаде недоверба во општеството и ги распали политичките желби и наддавања. Сè погласни се реакциите во општеството дека пописната операција ќе биде израз на политички договор наместо на статистичка спроведена операција, а тој момент се темели врз начинот на којшто ќе се води операцијата, без приложени документи, без јасно дефинирање кој ги дава податоците, како и на крајот, врзаниот потпис меѓу двајца именувани функционери од партнерите во власта“, истакна Василевска.
Таа нагласи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ јасно стои зад потребата во Македонија да биде спроведен попис, но како статистичка, а не политичка операција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

