Македонија
Вања е пронајдена мртва – била убиена дента кога исчезнала
Во околината на Скопје пронајдено е безживотното тело на малолетната Вања Ѓ., која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, а во околината на Велес е пронајдено и телото на П.Ж.(74) од Велес, кој на 24 ноември беше пријавен за исчезнат.
Во врска со двата случаи, осомничени се пет лица, од кои за три се бара мерка притвор, едно е надвор од државата, а едно лице во моментов е во полициска станица, информираа од Јавното Обвинителство.
Претходно, во врска со кривичните дела беше пронајдено опожарено возило „цитроен“ и по извршени вештачења обезбедени се материјални докази за инволвираност на лицата, за што по целосно документирање на случаите, во координација со Јавен обвинител ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека и двете убиства се извршени од истите лица, чиј мотив е „користољубие“.
„Од реализираните оперативни мерки е утврдено дека малолетничката В.Ѓ. е земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот утврдено е дека била убиена истиот ден околу 10.00 часот“, велат од Обвинителството.
Веднаш по добивањето на пријавите за исчезнатите лица, преземени се мерки и активности за нивно пронаоѓање, а во СВР Скопје беше формиран и посебен Оперативен штаб, на чело со началникот на СВР Скопје. Извршени се претреси во домови и други простории на подрачјата на СВР Скопје, СВР Велес и СВР Штип, при што пронајдени и одземени се мобилни телефони, компјутери, возило и др., извршени се бројни разговори со семејствата, познаниците, пријателите и лица кои би можеле да имаат било каква информација, а во истражните дејства секојдневно беа вклучени неколку стотини полициски службеници кои работеа исклучиво на овие случаи.
Увид на двете локации каде беа пронајдени телата на исчезнатите денеска извршија јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје и од Основното јавно обвинителство Велес. Издадени се наредби за обдукции на телата на жртвите и за соодветна идентификација. Исто така, издадени се наредби за прибирање и вештачење на сите траги и докази од двете локации.
Во деновите по исчезнувањето на двете лица, јавните обвинители издадоа наредби за претреси на повеќе локации, обезбедување снимки од видео надзор, лоцирање врз основа на базни станици, анализа и вештачења на електронските уреди, вештачења на материјални траги и докази, вклучително и автомобилот поврзани со настанот. Сослушани се лица кои би можеле да имаат определени сознанија за настанот и врз основа на сите прибрани докази настанот е расчистен во однос на осомничените сторители и нивните мотиви. По комплетирање на доказите и наредените вештачења, обвинителството против сите осомничени ќе поведе соодветна постапка.
Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите според кои овој случај има етничка заднина, од Обвинителството информираат дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со температура од 11 до 18 степени
Времето денеска е биде променливо облачно и релативно топло, велат од Управата за хидрометеорологија (УХМР). Претпладне ќе има слаб локален дожд, а по одделни котлини ќе има појава на слаба магла. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, првин во западните делови ќе има врнежи од дожд.
На повисоките планини во северозападните делови врнежите ќе преминуваат во снег. Ќе дува слаб до умерен, а во западните делови наместа повремено засилен ветер од западен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18 степени.
Македонија
Независниот полициски синдикат утре организира протестен марш во Битола: За закани за тепање и убивање полицајци се оди во притвор
Независниот полициски синдикат (НСП) утре во Битола организира марш за еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без селективен пристап по заканите за тепање и убивање полицајци. Маршот ќе почне во 11 часот со јавен собир пред Основното јавно обвинителство Битола од каде ќе се маршира кон хотел „Епинал“, а ќе заврши на плоштадот „Магнолија“.
„Како одговорен синдикат ќе организираме мирен марш со цел да се актуелизира и јавно да се побара доследно и еднакво спроведување на законите кон сите сторители на кривични дела, без исклучоци и без селективен пристап. Повод за маршот се последните јавни изјави и настани во Битола, во кој поединци се закануваа дека ќе тепаат и убиваат полицајци доколку се обидат да ги спроведат законите, кои повторно ја отворија темата за двојните аршини во постапувањето на институциите кога се работи за полицајци и останати граѓани и создадоа чувство на неправда. Целта на маршот не е насочена против ниту една етничка, социјална или друга заедница, туку е јасен апел и крик за потребата од владеење на правото, каде што законот ќе важи подеднакво за сите, без разлика дали се работи за полицајци, граѓани или институции“, најавија од НСП.
Барањата кои е се упатат од маршот се: еднаков третман пред законот за сите извршители на кривични дела, а не само на полицајците, крај на селективната правда и притвор за сторителите, бидејќи за ваков сличен настан пред само 2 години кој се случи во Прилеп, кога лице се закануваше на обвинителка веднаш беше побарано и определено притвор, барање за итна промена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и враќање на поранешната глоба која изнесување 1000 евра за омаловажување на државни органи и полициски службеници, наместо сегашните 50, односно 150 евра.
Целта на мирниот марш од НСП велат дека е и враќање на достоинството на полицијата.
Независниот синдикат на полицијата поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Битола против две лица поради упатени сериозни закани по животот на полициски службеници. Двете лица јавно се извинија за заканите со објаснување дека се заканиле оти биле под стрес.
Македонија
Магла ја намали видливоста до 60 метри на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози соопшти Авото-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ), Намалена видливост поради појава на магла до 60 метри има на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 100 м.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ потстува дека е на сила законската обврска за зимска опрема во возила и препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

