Македонија
Велопикник на Средно Водно
Градот Скопје и годинава ќе ја одбележи Европската недела на мобилност 2018 и за граѓаните ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје ќе организира разновидна програма која е посветена и ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор.
Одбележувањето на Европската недела на мобилност ќе почне утре со велопикник и велоекспо што ќе се одржат на Средно Водно од 11 до 14 часот. Посетителите на Средно Водно ќе имаат можност да погледнат промоција на велосипедски продавници, сервиси и занаети низ Скопје и најразлични велосипеди, како и да уживаат во музичката програма со диџеј.
За граѓаните автобускиот превоз до Средно Водно е бесплатен.
Во понеделник од 20 до 22 часот на Школка во Градски парк ќе има проекција на документарниот филм Пред поплавата (Before the flood).
Традиционалниот саем на електрични возила е закажан за во четврток, 20 септември, од 10 до 13 часот, на Техничкиот кампус. Ученици од средните и од основните училишта од градот ќе имаат можност да се запознаат со електричните возила и да возат електроконвој од Техничкиот кампус до плоштад Македонија. Ќе има и презентација на проектите од областа на транспортот во Скопје што ќе се одржи од 14 до 16 часот во Салата на Советот на Град Скопје. За во 19 часот е закажан TEDx настан на тема Иднината на транспортот.
На 21 септември, петок, во 10 часот на градските улици ќе се вози големо велосипедско дефиле кое ќе тргне од плоштад Македонија, а ќе заврши кај Школката во Градски парк. Најсреќните учесници во дефилето на лотарија ќе имаат можност да добијат награди.
Истиот ден, од 10 до 12 часот кај фонтаната „Лотосов цвет“ ќе се одржи традиционалната манифестација „Движи се за здравје“ – едукација за правилен развој и моторика кај децата, а ќе учествуваат деца од детските градинки во Скопје.
Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 ќе заврши во сабота, на 22 септември, со промоција на комбиниран превоз со железница и велосипед. Во 11 часот велосипедистите ќе патуваат со воз од Лисиче до Ѓорче Петров и ќе возат до центарот на градот, до улицата Димитрие Чуповски каде што ќе се одржи настанот Вело-кафе на улица. Поточно, на 22 септември улицата Димитрие Чуповски ќе биде затворена за сообраќај во периодот од 10 до 14 часот, а на коловозот ќе бидат поставени маси, клупи и детски реквизити.
Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации.
Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, и ќе се вклучат над 2.400 градови од Европа и од светот. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа се одржуваат повторени избори за градоначалник
Во општините Гостивар, Маврово – Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа денеска се одржуваат повторени избори за градоначалник, откако во првиот круг од локалните избори не беше постигната потребната излезност.
Гласањето започна во 7 часот и ќе трае до 19 часот.
Согласно Изборниот законик, за избор на градоначалник потребно е еден од кандидатите да добие мнозинство од гласовите на излезените гласачи.
Вчера гласаа болните и изнемоштените лица, како и затворениците.
Државната изборна комисија во текот на денот ќе информира за текот на гласањето и излезноста, а првичните резултати се очекуваат по доставувањето од општинските изборни комисии.
Македонија
Променливо облачно и студено време со повремен снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено, со повремени локални врнежи од снег во претпладневните часови. Попладне се очекува врнежите постепено да престанат.
Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Утринските температури ќе се движат од минус пет до два степена, додека дневните ќе достигнат од минус еден до пет степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд и снег. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до минус еден степен, а максималната ќе достигне околу три степени.
Според најавите од УХМР, од почетокот на следната седмица се очекува стабилизирање на времето. Под влијание на поле на висок воздушен притисок, ќе преовладува суво и студено време, а на одделни места утринските температури ќе се спуштат и под минус десет степени.
Македонија
ДИК: До 19:00 часот гласаа 242 од пријавените 248 болни или немоќни лица во Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа
Државната изборна комисија информира дека до 19:00 часот денеска од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено-поправните установи, гласале 45 лица. Од вкупно пријавените 248 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово – Ростуше и Центар Жупа до 19:00 часот правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. Две лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово – Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности, велат од ДИК.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните, немоќните и лицата кои се на издржување казна затвор, не се објавуваат денеска посебно.
„Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвораат денеска. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, стои во соопштението на Државната изборна комисија.

