Македонија
Вендинг машини за селектирање отпад за првпат во Охрид и Струга
Нова инвестиција на СКОПСКО, како дел од платформата „Наша Гордост. Наша одговорност“
Во рамки на платформата “Наша Гордост. Наша одговорност.”, култниот македонски бренд на Пивара Скопје – СКОПСКО, ја најави најновата инвестиција во повратни вендинг машини за селектирање отпад. Оваа иницијатива ги обединува напорите за општествено одговорно делување и заштита на животната средина и во целост ги поддржува заложбите на Пивара Скопје за одржлив развој во рамки на платформата „Свет без отпад до 2030 година“, како и намалување на нето јаглеродните емисии на компанијата до 2040 година.

Како компанија која постојано го следи фидбекот на своите потрошувачи, оваа инвестиција е директно инспирирана од барањата на жителите на Охрид и Струга. За првпат, овие два града ќе добијат вендинг машини од ваков тип, кои ќе придонесат за зголемување на еколошката свест и одговорност меѓу граѓаните.

„Оваа иницијатива е огледало на нашата одлучност да придонесеме кон одржлив развој и да ги поддржиме локалните заедници. Платформата „Наша Гордост. Наша одговорност.“ е основа на нашите напори да ги интегрираме принципите на одржливост во секојдневието, и сме уверени дека оваа, како и сите претходни иницијативи, ќе донесат позитивни промени во општеството,“ вели Марта Завкова, сениор бренд менаџер за СКОПСКО во Пивара Скопје.

„Како компанија која работеше на развивање и обезбедување на овие повратни вендинг машини, горди сме што придонесуваме кон значајното проширување на инфраструктура за селектирање отпад во Македонија. Нашата мисија е да создадеме услови за поефикасно и одржливо управување со отпадот, и овие вендинг машини за селектирање отпад се чекор напред кон тоа,” вели Ико Брдароски, кој што е дел од менаџментот на компанијата Пакомак.

Оваа инвестиција е дел од кампањата за продажба на специјално обележаните шишиња СКОПСКО и СКОПСКО Smooth, преку која за секое продадено шише, 1 денар беше наменет за организирање на неколку акции и инвестиции во опрема за чистење, собирање и селектирање отпад и зачувување на животната средина и македонските знаменитости.

Кон инвестицијата се приклучи и КАМ маркет кој обезбеди простор во своите маркети за поставување на вендинг машините за селектирање отпад.
Како компанија ориентирана кон иднината, Пивара Скопје преку СКОПСКО платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ ќе опфати и други национални обележја во земјата и ќе ги обедини граѓаните, организациите и институциите кои ги делат истите вредности и заложби за одржлив развој, со крајна цел подигнување на колективната свест и движење напред кон одржливо општество.
Вендинг машините за селектирање отпад може да ги најдете на следните локации:
Охрид
Маркет ТАМАРО на ул. АСНОМ бр. 21
Т.Ц.Кам Вилиџ -Кам Маркет 7 Ноември бр 179 Охрид
Струга
Генц Дуа мол – Кам маркет Р1201 Струга
Миса Маркет Елпида Караманди-Цветан Димов(поранешен Тинекс) Струга
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицаец кој го обезбедува Собранието возел без да има положено, одземено му е возилото
Полицаец, вработен во Одделението за обезбедување на Собрание, возел без да има положено. Против него е поднесена кривична пријава и одземено му е возилото.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против А.Б., поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. Пријавениот А.Б., полициски службеник во Одделението за обезбедување на Собрание на РСМ, Сектор за обезбедување на објекти од државен интерес при Оддел за заштита на определени личности и објекти, на 12.02.2026 на ул.„11 Октомври“ во Скопје управувал негово лично патничко моторно возило „бмв“ без положен возачки испит, односно без возачка дозвола, а по наредба на јавен обвинител возилото е одземено“, соопшти МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против А.Б. поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.
Пред една недела, уште еден полицаец беше фатен без возачка дозвола.
Македонија
Герасимовски: Инспекторите се на терен, санкции за сите што немаат одобрение за урбана опрема
Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
„Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема“, рече Герасимовски.
Македонија
Цвеќе во помен на Борис Трајковски – 22 години од авионската несреќа
Делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, членови на политички партии, семејството денес оддадоа почит во помен на трагично загубените животи во авионската несреќа пред 22 година, кога загина тогашниот македонски претседател, Борис Трајковски.


„Борис Трајковски останува запаметен како претседател во време на тешки државни предизвици, човек кој со смиреност и одговорност ја водеше Македонија низ период на сериозни искушенија. Неговото делување беше насочено кон зачувување на мирот, стабилноста и меѓународниот углед на државата. Неговата политика на дијалог и единство претставува потсетник дека државничката зрелост, храброста и чувството за одговорност се темел на секоја стабилна и суверена држава. Денес, повеќе од две децении подоцна, останува обврската да се чува државата, да се гради единство и да се продолжи патот на стабилност и напредок“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Цвеќе положи и скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.


„Пред 22 години, на овој ден, Македонија ја почувствува една од најтешките загуби во својата понова историја. Трагичната вест за падот на авионот со кој кон Мостар патуваше претседателот Борис Трајковски ја зави државата во тага. Заедно со него, животот го загубија и осуммина членови на делегацијата, луѓе посветени на службата кон татковината. Борис Трајковски беше повеќе од државник. Тој беше симбол на смиреност во тешки времиња, глас на разумот и човек што искрено веруваше во силата на единството. Со достоинство ја носеше функцијата претседател, но уште поголемо достоинство носеше во својата човечност. Веруваше во Македонија. Во нејзината иднина, во нејзините луѓе, во можноста да бидеме подобри и посилни заедно. Неговата визија за стабилна, демократска и европска држава останува патоказ и денес. Со почит и благодарност се сеќаваме на неговото дело и на неговата жртва“, порача Ѓоргиевски.
И партиска делегација на СДСМ, заменик претседателката Фани Каранфилова Пановска, членовите на Извршниот одбор, Рената Младеновска и Александар Наумоски, денеска оддадоа почит во Алејата на великаните во Скопје.

„Трајковски беше проевропски претседател, државник кој посветено работеше за мир, соживот, за напредок и европска перспектива на нашата држава. Неговата политика беше политика на дијалог, на приближување, на отворање перспективи дома и надвор. Веруваше дека Македонија може и мора да биде дел од европското семејство, но пред сè стабилна и обединета држава во која различностите се богатство, а не поделба. Политиките на претседателот Борис Трајковски нè потсетуваат дека храброста, мудроста и одговорноста кон граѓаните се пример за лидерството“, велат од СДСМ.


Авионската несреќа се случи на 26 февруари 2004 година кај Мостар. Во несреќата загинаа и Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Лозановска – советници во Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски, вработен во МНР, Борис Велинов, Аце Велиновски – обезбедување, Марко Марковски и Бранко Ивановски – пилоти на авионот.
Последниот извештај за авионската несреќа од меѓународниот истражен тим покажа дека причините за падот на „кингерот“ се седум системски грешки на пилотите. Авионот се спуштил под минимално дозволена висина, временските услови биле неповолни, а пилотите не ја почитувале стандардната процедура, да слетаат на друг аеродром. Тие решиле да продолжат со слетување. Беше посочено и дека авионот не бил одржуван соодветно.

