Македонија
Венециската комисија даде позитивно мислење за законот за Судскиот совет
Венециската комисија даде позитивно мислење за законот за Судскиот совет на денешната пленарна сесија, на која учествуваше министерката за правда, Рената Дескоска.
„Венециската комисија го образложи своето мислење за предложениот закон за Судскиот совет, кој го смета за висококвалитетно законодавство, односно дека со законот е постигнато високо ниво на усогласување со други закони. Венециската комисија повторно имаше позитивна оценка за реформите во правосудството и усогласувањето на домашното законодавство со меѓународните стандарди“, соопшти Министерството за правда.
Од таму додаваат дека позитивно се оценети новите критериуми за избор на членови на Судскиот совет.
„Покрај другите позитивни измени на Законот за Судски совет, во извештајот се препорачува и психолошките тестови повеќе да не се користат при изборот на членовите на Судскиот совет со што се намалува можноста за политички влијанија при изборот на членовите на Советот. Во врска со изборот за претседател на Судскиот совет, Венециската комисија препорачува тој да се избира со двотретинско мнозинство од редот на членовите на Судскиот совет избрани од Собранието“, појаснуваат од Министерството.
Ова е трето последователно мислење на Венециската комисија кое е позитивно оценето. Мислењето од октомври 2018 година, кое се однесуваше за Законот за изменувањето и дополнувањето на Законот за Судскиот совет и Законот за судовите, се фокусира на основите за дисциплинска одговорност на судиите, дисциплинските постапки и органи, како и на системот за оценка на работата на судиите.
„Оценката на Венециската комисија беше севкупно позитивна. Мислењето ги пофали нацрт-законите и беше истакнато дека двата закона претставуваат цврсти темели за функционирање на судството и предложи некои амандмани со цел да се подобри јасноста на текстовите. Во декември 2018 година Венециската комисија усвои уште едно позитивно мислење за нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за судовите. Предлог-законот беше поздравен од Комисијата поради исполнетоста на повеќето претходни препораки од мислењата од 2015 и октомври 2018 година“, се вели во соопштението од Министерството за правда.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради одрон во прекин е сообраќајот на регионалниот пат Ресен- Граничен премин Стење
Денеска од 07:55 часот, поради одрон на патот помеѓу селата Царев Двор и Отешево, во прекин е сообраќајот во двата правци на регионалниот пат Ресен – Граничен премин Стење.
„Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон овој пат, а надлежните институции преземаат мерки и активности за чистење на патот и нормализирање на сообраќајот, за што јавноста ќе биде соодветно известена“, велат од МВР.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Студеничани
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 16.00 часот, корисниците од улиците број 90, 131 и 191, корисниците од околните згради и продавниците кај 26 Јули, објектите на хотелите Хамбург и Аен, казиното Сенатор и адвокатското друштво Калач. (општина Чаир)
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот, корисниците од селата Драчевица, Цветово и Алдинци, вили Китка, Мала Река, Принцес, Караџица и Солунска Глава. (општина Студеничани)
Македонија
Без вода дел од Карпош
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф – 80 мм на улицата Ристо Равановски бр. 8, без вода ќе останат корисниците од улицата Ристо Равановски во општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата.

