Македонија
Вељановски: Платата за 5000 вработени од културата доцни 16 дена
„Веќе не постои никаков изговор. Платата доцни 16-ти ден. Законски (иако е општо познат факт дека во „нашата земја” одамна никој не е загрижен за законот) платите на вработените во културата мора да бидат исплатени најдоцна до 15-ти во месецот. Во услови кога се фрлаат милионски суми во евра за разноразни тендери од кои, за жал и како општо познат факт, се полнат приватни џебови, скандалозно е државата да доцни со плата на околу 5000 вработени во македонската култура. Или можеби им пречи придавката „македонска” пред култура?!“, изјави Роберт Вељановски, член на Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, можеби е несоодветна исплата на плати од државниот буџет на „македонските” културни работници?! Или пак, што е повеќе од веројатно, потпишаниот нов колективен договор во културата не е ништо друго освен предизборна измама со која се “купуваа” гласови од културните работници?!
„Ударот врз културните работници е удар врз културата, а со тоа, и удар врз општеството. Некој здушно работи културните работници наместо со култура и критика на општеството, општествените текови и општественото живеење да се занимаваат со борба за обезбедување на гола егзистенција.
Се разбира, секогаш кога сакаш да ја угушиш критичката мисла, удри по културата!!! Веројатно, оваа реченица во целост ја отсликува моменталната состојба во државата. Власта, која во овој безумен налет на самобендисаност и аздисаност руши се пред себе и го ограбува својот народ, има потреба да ја замолчи авангардата и авангардната мисла.
Незадоволството од доцнењето на јулската плата е огромно. Дури и кај најголемите поддржувачи на оваа ненародна власт, иако, мора да се признае, дека сега засега синдикалните лидери мошне успешно и со божемен цврст отпор и став ги држат на „кратко јаже”.
Бидејќи се надевам дека во буџетот на оваа “наша земја” остана некоја трошка средства, која не е потрошена на тендери ( да речеме, на софтвер од 15 милиони евра за он лине настава, иако еден македонски универзитет сличен софтвер изработува за 300 000 евра), најитно исплатете ги платите во културата“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Алкалоид“ добитник на „Патент на годината за 2023“ за иновативниот „Омепразол“ во течна форма
Иновативната формулација на „Алкалоид“ АД за лекот со додадена вредност „Омепразол“ во течна форма, готов за употреба, прва од ваков тип во светски рамки, е прогласена за „Патент на годината за 2023“ од Државниот завод за индустриска сопственост, во рамките на пригодното одбележување на Светскиот ден на интелектуалната сопственост – 26 април.
Меѓународната патентна пријава на „Алкалоид“ за „Oмепразол“ во течна форма беше поднесена на 17 април 2020 година, со опфат на голем број региони и земји, меѓу кои земјите од Европската Унија, САД, Канада, Кина, земјите од Евроазиската економска унија и други. Патентната пријава при Европскиот завод за патенти, чии ингеренции опфаќаат патентни активности во 39 земји во Европа, беше одобрена на 3 август минатата година и валидирана во триесетина земји, меѓу кои и Македонија.
Патентот на „Алкалоид“ АД ја заштитува течната фармацевтска дозна форма на „Омепразол“, која се базира на два посебни раствори содржани во двокоморско пакување, кое при отворањето автоматски ги меша двата раствора и така се добива готовиот течен омперазол за употреба. Овој препарат е наменет, пред сѐ, за третман на рефлуксен езофагитис и на гастроезофагеалната рефлуксна болест (ГЕРБ) кај малите деца кои не можат да голтаат таблети, како и кај возрасните пациенти кои имаат тешкотии со голтањето (пациети со дисфагија) и неможност за голтање (пациенти со поставени сонди за гастрично хранење и/или геријатриски пациенти).
Државниот завод за индустриска сопственост е основан на 1 декември 1993 година како самостоен орган на државната управа и е надлежен за вршење на работите во врска со стекнувањето и со заштитата на правата од индустриска сопственост кои опфаќаат патенти, индустриски дизајни, трговски марки и ознаки за потеклото на производите. Оваа институција триесетта година по ред традиционално организира активности во насока на афирмација на улогата на индустриската сопственост во поттикнувањето иновации и креативни творби.
ПР
Македонија
Први и шести мај неработни за сите граѓани на Македонија, трети мај за граѓаните од православна вероисповед
Министерството за труд и социјална политика, согласно со Законот за празниците на РМ („Службен весник на РМ“ бр.21/98 и 18/07) соопштува дека:
1 мај 2024 година (среда), Денот на трудот е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
03 мај 2024 година (петок), Велики Петок, петок пред Велигден, е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед во Република Северна Македонија.
06 мај 2024 година (понеделник), Велигден, вториот ден на Велигден според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија.
Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им ги честита престојните празници.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.