Македонија
(Видео)Митева: Деспотовски јавно да објави барем една инвестиција која тој лично успеал да ја привлече
„Функционерите на власта решаваат да се сокријат преку пишани статуси на социјални мрежи, со бледи, несодржински и празни статуси, наместо да одговорат конкретно на прашањата на јавноста. Согласно тврдењата на Деспотовски, во Македонија за помалку од две години има договори за нови инвестиции од над 620 милиони евра и тоа над 70% биле нови компании кои за првпат инвестирале во Македонија, па го повикуваме јавно Деспотовски да ги објави и барем за една од тие да каже како тој лично ја привлекол инвестицијата, кои методи и знаења ги употребил“, рече на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа напомена дека „повеќето т.н. „нови инвестиции” се всушност проширување или реинвестиции на претходните чие доаѓање тогаш беше критикувано дека се случува само поради високи субвенции. Сега нивните, претходно планирани проширувања, се претставуваат како нови инвестиции и проекти, а се доделува дополнителна државна помош“.
„Johnson Controls (JCI) I Johnson Matthey дојдоа во Македонија во 2007 и 2008 година. До 2022, овие две компании или во случајот на JCI ја користиме Аптив како наследник на проектот во истиот објект сè уште се помеѓу 5-те најнапредни и најсофистицирани странски директни инвестиции во Македонија. Од каде тогаш коментарот дека сега се привлекуваат понапредни компании? Дали на инвестицијата од Питсбург во Жабени или Корејската од ТИРЗ Скопје 2, кои беа претходно најавени се откажани бидејќи не беа доволно напредни или можеби пак е обратно, поради капацитетите на Дирекцијата кои се нотирани и во извештајот на ДЗР, инвеститорите сфатија со кого си имаат работа, па се повлекоа?“ вели таа.
„Бидејќи Јован Деспотовски вели дека резултатите во делот на странските инвестиции се видливи еве повторно јавно го прашуваме која е стратегијата за привлекување странски директни инвестиции – кој точно привлекува нови инвестиции, на кој начин и каде? Кои се приоритетни сектори и кој кадар има знаење и искуство во истите за да ги анализира и избере таргетираните компании? Кој, како и за колку пари ја промовира Македонија како инвестициска локација?“ напомена Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.
Македонија
Јанчев: Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално
Во услови на безредие и хаос да се продолжува рок за легализација на дивоградби е фатално, изјави на денешната седница на Собранието, пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Тој истакна дека предложените измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти претставуваат директно стимулирање на дивоградбите и продлабочување на урбанистичкиот хаос.
Јанчев потсети дека законот од 2011 година, кој требало да важи шест години, со низа продолжувања се развлекува на вкупно 20 години, со што наместо да се затвори прашањето за старите објекти, се поттикнува изградба на нови дивоградби.
„Градежното земјиште е ограничен ресурс, а како во природата, така и во општеството, мора да постојат правила за негово користење. Урбанистичките правила постојат за да создадат хумана средина за живеење, а кога не се почитуваат добиваме хаос и безредие. Немаме градски архитекти за одржување на урбаниот ред, немаме урбанистички планови, за многу населени места, а постојните се стари по 15–20 години и не одговараат на реалноста на терен. Планирањето не го води јавниот интерес, туку профитот, кој често е спротивен на јавниот интерес. Имаме населби со број на жители што не одговара на капацитетите на водоводната и канализационата мрежа, недостиг на паркинг места, сообраќајници низ кои не може да помине ни едно противпожарно возило. Во вакви услови да се продолжува рокот за легализација и да се стимулираат нови дивоградби не е паметно, туку е штетно, а може да биде и фатално”, рече Јанчев.

