Македонија
(Видео) Ангелов: Има нови индиции дека пожарот кај Блаце е подметнат, некој утрово се обидуваше да го реактивира

За пожарот, кој во неделата околу пладне избувна покрај магистралниот пат, кој од Скопје води кон граничниот премин Блаце, се појавуваат нови индиции дека е подметнат, вели директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Најпрвин, на местото на избувнувањето на овој пожар можев да видам дека линијата на огнот е многу широка како за пожар што би се појавил од фрлено догорче од цигара. Денеска утрово, додека пожарникарите работеа на негово догаснување, најдоа на неколку места дрвени палети, претходно, најверојатно, намачкани или полиени со бензин и фрлени во смреките. Некој намерно утрово се обидуваше да го реактивира овој пожар, кој е под контрола“, изјави Ангелов.
Тој апелира до граѓаните, доколку забележат сомнително однесување, веднаш да пријават на бројот 112.
Ангелов рече дека ниеден манастир или црква не биле во непосредна опасност во вчерашниот пожар ниту, пак, дека изгореле три куќи од селото Чучер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова: Не сум се фотографирала со восочни фигури на Доналд и Меланија Трамп

Фотографијата објавена на моите официјални профили на социјалните мрежи, на којашто сум заедно со претседателот на САД, Доналд Трамп, е автентична и направена во Њујорк за време на свечениот традиционален прием организиран од претседателот Трамп и неговата сопруга, Меланија Трамп, реагираше претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова.
– Написите на одредени медиуми дека станува збор за фотографија со восочна фигура се целосно неточни, злонамерни и со јасна тенденција за дискредитација, вели таа.
Сиљановска – Давкова упати апел до медиумите за професионално, одговорно и чесно информирање на јавноста, со почитување на вистината како највисок демократски принцип.
Македонија
Денес дожд и температура од 13 до 21 степен

Времето во текот на денот се очекува да биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд, наместа пообилни, проследени со ретки грмежи.
Според синоптичарите, ќе дува слаб со умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 21 степен Целзиусов.
Во Скопје, се очекува претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Според најавите, ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 19 степени Целзиусови.
Локални врнежи од дожд се најавени и за утре, а потоа во следните два дена да биде претежно стабилно.
Од четврток се очекува нов влажен и постуден бран со пообилни врнежи од дожд и со значително опаѓање на температурата.
Македонија
Сиљановска Давкова објави дека се фотографираше со Доналд и Меланија Трамп

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова на својот Фејсбук-профил објави дека ѝ претставувало чест да присуствува на приемот што го приредија претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и неговата сопруга Меланија Трамп, по повод 80. Генерално собрание на Обединетите нации.
Во објавата таа истакна дека во овие турбулентни времиња е важно да не се отстапува од демократските вредности и да се работи заеднички на зачувување на глобалниот мир и безбедност, додавајќи дека САД остануваат искрен сојузник на Македонија.
„Благодарност за гостопримството!“, напиша Сиљановска Давкова.