Македонија
(Видео) Андоновски: Прочистувањето во судството ќе го вршат луѓе на СДСМ и Заев
Прочистувањето во судството ќе го вршат луѓе на СДСМ и Заев за криминалот да остане неказнет, обвини Стефан Андоновски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, реформите на правосудството се добри само на хартија, а во пракса продолжува, како што рече, партискиот камшик на СДСМ за обвинителството и судството, за заштита на криминалот, за заштита на сваровски и трас трас судиите кои денес се најверни слуги на Зоран Заев.
„Сето она кое до сега се случи, а се преставува како прочистување во судството всушност е ветер и магла, одвлекување на вниманието за да остане неказнет криминалот. Со новите методологии се воспоставува нов метод за избор на послушни обвинители и судии, кои ќе работат само под политички диктат. СДСМ и Зоран Заев продолжуваат со директно мешање во судските реформи. Тие одлучуваат за членовите на Советот за реформи, и тие ги избираат луѓето кои потоа им одговараат само ним“, рече Андоновски.
Тој вели дека во Советот кој ќе избира подобни судии и обвинители има лица кои никогаш во животот не работеле како судии, ама затоа, додаде Андоновски, имаат фамилијарно високи партиски функции во СДСМ или се предложени од претседателот Стево Пендаровски.
Според Андоновски во Советот има и сопруги на поранешни контроверзни функционери од СДСМ, како и на локален партиски функционер од Струмица и близок пријател и соработник на Зоран Заев и лица против кои постоеле истраги за проневери на стотици илјади евра со барања за притвор.
„На својата прес конференција, Маричиќ и самиот призна дека токму тие учествуваат, читај: ги диктираат, методологиите и начините на прочистување на судии и обвинители. Тоа значи дека ќе се избираат подобните, кои ќе треба да им служат на желбите на власта. На овој начин Маричиќ и Заев удираат директно врз независноста на судскиот систем, кој останува предмет на политичко мешање од најсрамен вид“, рече Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче и Заев сакале да му ја земат болницата на Жан Митрев, Обвинителството да истражи, порача Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција обвини дека поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот премиер Зоран Заев, од позиција на власт, вршеле притисок врз доктор Жан Митрев со цел да му ја одземат сопствената болница.
Стојаноски се повика на интервју на Митрев во кое докторот раскажа дека Филипче и Заев му се заканувале, а институциите ја блокирале неговата лична сметка, како и сметката на болницата. Дополнително, како што наведе, била изречена и забрана за продажба на болницата, која, според сведоштвото, била укината веднаш штом политичарите изразиле интерес за откуп.
„По само една недела, ЈО му ја отстранило забраната. Како е ова можно?“ – праша Стојаноски.
Тој исто така, повикувајќи се на интервјуто, рече дека Филипче и Заев сакале да ја купат болницата по цена далеку пониска од реалната, нарекувајќи го ова уште еден пример за злоупотреба на моќта во време на здравствена криза.
„Додека луѓе умираа секојдневно од КОВИД, тие се занимавале со сценарија за одземање болници“, изјави Стојаноски.
Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот и неселективно да постапи.
Македонија
Филипче: Мора да има контрола на податоците од „Сејф сити“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање потенцираше дека СДСМ не е против системот „Сејф сити“ од аспект на безбедноста, туку во сегашното решение постојат други сериозни и суштински прашања кои мора да се прецизираат .
„Еден таков закон кој се однесува на проектот „Сејф сити“ во којшто се регулира еден дел од сообраќајот, со којшто се намалува ризикот од несреќи, сообраќајќи , апсолутно во тој дел го поддржуваме. Меѓутоа, има важни работи за коишто треба да се зборува“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче укажа дека треба да се има предвид економската состојба и стандардот на граѓаните, но и начинот на кој ќе се располага со податоците од граѓаните.
„Во сегашниот контекст, тоа е економската состојба во државата, стандардот на граѓаните, мора да се зборува за висината на казните. И второ, исто важна работа, што и кој ги контролира огромната количина на податоци коишто системот ‘Safe City’ ги собира“, рече Филипче.
Притоа, Филипче рече дека ВМРО-ДПМНЕ има историја во злоупотреба на податоци и службите за безбедност и затоа е важно да има дискусија во Собранието за овие прашања.
„Станува збор за влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има историја на злоупотреба на служби за безбедност, пратење и прислушкување на огромен број на граѓани. Не сме комотни да туку така тој дел помине без дискусија. Се сомневаме дека можат тие податоци да ги злоупотребуваат за нивни тесни, партиски цели. Така што, ќе се дебатира во Собранието за овие две работи“, посочи Филипче.
Македонија
Поради дефект без парно делови од Центар, Аеродром и Кисела Вода
Поради лоцирање на дефект на дистрибутивната мрежа во моментов има прекин во испораката на топлинска енергија кај потрошувачите од Центар, Аеродром, Ново Лисиче, Кисела Вода и Автокоманда, соопшти ЕСМ.
Екипите на ЕСМ Дистрибуција на топлина се на терен со цел точно лоцирање на дефектот и изолирање на истиот, со цел воспоставување на нормална испорака на топлинска енергија.
За дополнителни информации, потрошувачите можат да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи на телефонските броеви (02) 3076 200 и 075 400 100.

