Македонија
(Видео) Антовски: Раководството на ЕЛЕМ е неспособно и нестручно за да се грижи за РЕК Битола
Пожарот кој настана поради експлозија на енергетскиот трансформатор на Блок 3 во РЕК Битола е пресликување на начинот како СДСМ ја турка Македонија во бездна од која тешко ќе излеземе, ако ВМРО-ДПМНЕ не ја преземе ситуацијата во своите раце, порача на денешната прес-конференција, Стевче Антовски, член на комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ.
„Прецизните информации за причините за пожарот го говорат следното: на сликата јасно се гледа дека стручните служби во РЕК Битола кои вршеле интерна ревизија на трансформаторот, во запис доставен до раководството на РЕК Битола, предочиле дека постои ризик од пробив на високонапонски проводен изолатор. А, токму ова почитувани е причината за пожарот на трансформаторот: пробив на високонапонскиот проводен изолатор на трансформаторот на Блок 3. Оваа причина и актуелното раководство на ЕЛЕМ ја посочи во официјалното соопштение до јавноста.
За да биде несмасноста на раководството поставено од СДСМ во РЕК Битола поголема, тие одобриле овој трансформатор да биде во погон и покрај предочените проблеми. Вакви импровизации во енергетиката се одлика само за време на владеење на СДСМ“, обвини Антовски.
Како што кажа тој, во моментот Блок 3 е надвор од погон, а неговото санирање може да трае и една година.
„За жал, неработењето, криминалот и нестручноста на СДСМ доведоа до уште една катастрофа во македонскиот гигант, РЕК Битола, кој наместо да биде пример за успешно работење, во моментот едвај се држи на нозе. Раководството на ЕЛЕМ е целосно неспособно и нестручно и воопшто не се грижи за правилното одржување на целата постројка“, нагласи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

