Македонија
(Видео) Арсова: Кога се искачив на највисокиот врв на Антарктикот, температурата беше -40 степени
Алпинистката Илина Арсова на 27 декември го освои врвот Винсон на Антарктикот и со тоа стана првата Македонка што ги искачила седумте највисоки врвови на седумте континенти.
Врвот Винсон е последниот од седумте највисоки врвови што Арсова ги освоила: Аконкагва во Јужна Америка, Килиманџаро во Африка, Еверест во Азија, Елбрус во Европа, Денали во Северна Америка, Пунџак Џаја во Австралија и Океанија.
Со овој подвиг таа официјално стана вториот човек од Македонија што ги освоил седумте врвови по докторот Сашко Кедев, кој тоа го направи пред десетина години, а е трета што го посетила Антарктикот по Кедев и Јовица Угриновски.
Арсова вели дека е прекрасно што исполнувајќи ја таа своја лична цел, успела целата држава да се гордее со неа.
Антарктикот е најстудениот континент, па затоа таа за овој подвиг се подготвувала психички и физички – од март до ноември пливала во Охридското Езеро.
Таа во минатото кога искачувала врвови во екстремно ниски температури, добивала смрзнатини на лицето и прстите, но тоа овој пат не ѝ се случило.

Додека била на Антарктикот, температурата паѓала до минус 18 внатре во шаторите, а на врвот Винсон, според Арсова, температурата изнесувала минус 40 степени.
Експедицијата во која учествувала Арсова броела четворица алпинисти и еден водич.
Арсова, освен што е ликовен уметник и алпинист, е и активист за заштита на животната средина, па затоа истакна дека Антарктикот е најчистото место на планетата, каде што владеат строги правила за одржување на животната средина.
Таму зад себе не смее да се остави никаков смет, па затоа учесниците на експедицијата својот измет си го чувале во кеси и го вратиле назад во авионот за Чиле.
Арсова во 2013 година стана првата Македонка што го освоила Монт Еверест.
Искра Манојлоска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова прими претставници на „Стоп за Усје“
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, прими претставници на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“, кои ги образложија нивните ставови врзани за влијанието на цементарницата Усје врз квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето.
Истакнувајќи ги своите барања, тие укажаа на потребата од воспоставување мерни станици со 24/7 мерење на загадувачките супстанци, целосна транспарентност на добиените податоци, како и усогласување со препораките на Светската здравствена организација за граничните вредности на ПМ10 честичките.
Претставниците на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ споделија компаративни примери од други држави каде што пропишаните параметри се пониски од македонските.
Според нив, наместо да се ангажираат приватни акредитирани лаборатории за независни мерења, треба час поскоро да се забрза процесот на акредитација на државната лабораторија.
За нив, неопходна е поголема институционална поддршка и очекуваат надлежните, доследно, транспарентно и неодложно да ги извршуваат законските обврски во интерес на заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните.
Претседателката, пред сè како граѓанка, ја сподели загриженоста за загадувањето на воздухот, почвата и водите, како едно од најгорливите прашања.
Сиљановска-Давкова ги сослуша аргументите и истакна дека со внимание ги следи нивните активности насочени кон поздрава и побезбедна животна средина, како врвен национален приоритет.
Таа потсети дека не случајно го именувала за член на Советот за безбедност, професор и научник од областа на метеорологијата и климатските промени, д-р Спиридонов.
Соговорниците се согласија дека животната средина е заедничка одговорност и стратешка определба, оти е неопходен континуиран дијалог меѓу граѓанските организации, институциите и стопанските субјекти заради креирање одржливи и долгорочни решенија, како и дека Собранието треба, согласно Деловникот, да ги отвори портите за нив во расправата за законите од областа на животната средина и вршењето на надзорната функција.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.

