Македонија
(Видео) Арсовски: Анѓушев е вицепремиерот бизнисмен чии бизниси цветаат откако е на власт
„Најнеспособната Влада во историјата на Република Македонија, предводена од најнеспособниот премиер Зоран Заев, е пред реконструкција, која не ветува ништо ново и не ветува ништо подобро. Оваа Влада на Заев и СДСМ е Владата што ја уништи Република Македонија и економски и државнички“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, еден од најзаслужните за уништувањето на земјава и нејзината економија е вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој претставувајќи се како владин човек од бизнис-секторот, успеа да ја доуништи и онака кревката економија и да работи единствено за интересите на неговите фирми и бизниси.
„Денеска, иако ги има премногу, ќе потенцираме 5 најважни причини зошто Кочо Анѓушев треба да си оди од власта заедно со сите други и со Заев и тоа уште веднаш.
Кочо Анѓушев е вицепремиерот од Владата на СДСМ, кој сам на себе си додели грант од 160.000 евра преку Фондот за иновации, т.е. на на својата фирма ‘Каст инвест’ и притоа лажеше дека воопшто и не знаел за грантот, туку неговиот менаџмент аплицирал без тој да знае. Кочо Анѓушев е вицепремиерот на СДСМ, кој откако дојде на функција, сам на себе си овозможи царински поволности за литиум-јонските батерии што ги вградува во производите во неговите фирми, кои притоа се единствени фирми во Република Македонија што ги користат токму тие батерии. Тој сега има поволности за набавка, односно за увоз.
Кочо Анѓушев е вицепримерот во Владата на СДСМ, кој својата позиција ја искористи за да ги изгради полесно малите хидроцентрали МХЕ ‘Тополки’ и МХЕ ‘Падалишка Река’, односно ја искористи својата позиција за преку својот колега, министерот Садула Дураку, да си го продолжи рокот за изградба на истите хидроцентрали наместо да му ги прекинат договорите, како што стоело во еден од членовите на договорите, а претходно исто така си донесе одлука за пренамена од земјоделско во градежно земјиште за истите хидроцентрали, со што ја зголеми вредноста на тоа земјиште. Кочо Анѓушев е вицепремиерот што ја искористи својата позиција во Владата за да успее на сомнителен начин, за кој пишуваа и странските медиуми, да ја продаде својата фирма ЕДС на грчкото електростопанство, фирма што работеше во загуба последната година и ја продаде токму во периодот кога се продаваа и националните интереси на државата за неколку милиони“, рече Арсовски.
Тој додаде дека Кочо Анѓушев е вицепремиерот бизнисмен, чии бизниси цветаат откако е на власт. „Да потсетиме дека општините под раководство на СДСМ, Кочо Анѓушев и неговите фирми ги снабдуваат со камионите за чистење, познати како метларки, кои ги произведуваат токму неговите фирми. Да потсетиме дека неговите фирми ги зедоа тендерите во психијатриската болница во Негорци, во Клиниката за кардиологија, во тетовската Клиничка болница, во Основниот суд во Велес, во Агенцијата за патишта за набавка на мрежа и многу други тендери, кои се сомнителни и матни, а кои подоцна треба да се истражуваат кога оваа Влада ќе ги тргне канџите од судството. Ова се само дел од причините поради кои Кочо Анѓушев треба да си оди, да прекине да ја злоупотребува функцијата и да одговара кога институциите ќе почнат да ги расветлуваат овие случаи. Колку побргу си замине оваа Влада на СДСМ, толку подобро за граѓаните и државата“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

