Македонија
(Видео) Арсовски: Двајца блиски соработници на Заев биле на високи позиции во Дрисла изминативе две години
Лицемерно е во време кога СДСМ ја губи поддршката од граѓаните и драстично паѓа на рејтинг, да измислуваат и поврзуваат непостоечки случаи и скандали со ВМРО-ДПМНЕ, рече на прес-конференција партискиот портпарол, Димче Арсовски, зборувајќи за случајот со третманот на медицинскиот отпад.
Како што вели тој, реалноста е сосема поинаква, а фирмата која изминатиов период е во фокусот на јавноста – „Еко клуб“, од Владата на Заев и СДСМ, односно од државните институции, земала над 130 милиони денари за само една година.
„Тоа се над 60 склучени договори за тендери од државните институции. Нема човек во државава кој не знае дека секој еден тендер што се доделува, директно е запознаен и одобрен од Зоран Заев или од некој негов близок во Владата или во СДСМ“, нагласи партискиот портпарол.
Тој исто така посочи и дека член и функционер на СДСМ, Драги Давчевски претходните 2 години е еден од клучните директори во Дрисла, како и дека друг близок пријател на Зоран Заев од Струмица, до пред половина година бил еден од клучните луѓе во италијанската компанија во Дрисла.
„Очигледни се намерите на Зоран Заев и Владата личниот неуспех и личниот скандал да го префрлат на грбот на ВМРО-ДПМНЕ, но за жал не им успеа. Граѓаните се свесни кој е виновен за целиот скандал и веќе ја знаат вистината за медицинскиот отпад“, порача Арсовски додавајќи дека очигледно бизнисот на Заеви и на СДСМ е ставен пред здравјето на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници
Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.
-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.
-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.
Македонија
Муцунски со осуда откако некој ја оштети вратата на бугарската амбасада во Скопје: „Се работи за изолиран случај“
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, го осуди инцидентот во кој беше оштетена влезната врата на Амбасадата на Бугарија во Скопје, оценувајќи дека станува збор за изолиран случај и дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Муцунски изјави дека, според првичните информации, нанесената материјална штета не е голема, но дека инцидентот се осудува максимално. Тој посочи дека Министерството за внатрешни работи е надлежно за истрагата и дека таму треба да се побараат подетални информации.
Инцидентот се случил во неделата, кога, според информациите, непознат човек ја искршил влезната врата на амбасадата во центарот на Скопје. Настанот беше потврден со фотографии и видео објавени од бугарското Министерство за надворешни работи, кое реагираше остро, оценувајќи го како напад врз дипломатската мисија.
„Изразуваме длабока загриженост дека ваквото дрско дело е резултат на системскиот недостиг на реакција од страна на надлежните институции во Република Северна Македонија при претходни напади и вандалски чинови врз објекти поврзани со Бугарија и бугарската заедница“, се вели во соопштението од Софија.
Од Министерство за внатрешни работи информираа дека кај нив било пријавено оштетување на стаклото на влезната врата од Амбасадата на Република Бугарија. Како што соопштуваат од МВР, офицерот за безбедност на амбасадата преку системот за видео надзор забележал оштетување на стаклото на влезната врата од објектот. Според досега утврденото, оштетувањето го извршило засега непознато лице, кое со удар со рака го оштетило стаклото и се оддалечило од местото.
На местото на настанот биле преземени соодветни полициски мерки, а надлежните служби работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со настанот, информираа од Министерството за внатрешни работи.

