Македонија
(Видео) Арсовски: Кирацовски си ја вработил и сестра си како советник во Централниот регистер
Порпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција обвини за непотизам на власта коментирајќи дека Александар Кирацовски во време кога бил генерален секретар на СДСМ, си ја вработува својата сестра на работното место советник во Централниот регистар, со плата над 36.000 денари, како што објавија некои од медиумите.
„Вработувањето на сестрата на Кирацовски не е единствен пример за непотизам и влијание од страна на овој висок претставник на власта, како што пишуваат активисти на СДСМ на социјалните мрежи, а објавуваат медиумите, дека Кирацовски неодамна си ја вработил и својата пријателка фризерка. Ова не го тврди ВМРО-ДПМНЕ, ова го кажуваат видни партиски активисти на СДСМ, како што е Мери Николова. Од опозиција ветуваа законска селекција и достапност на секое работно место за секој граѓанин, а сега си ги вработуваат роднините и блиските на високоплатени работни позиции во администрацијата, додека, пак, обичниот граѓанин без партиска книшка од СДСМ не може ни да помисли да аплицира и да дојде до работна позиција во администрацијата“, вели Арсовски.
Тој рече дека ова е продолжување на веќе познатата пракса за непотизам, која веќе ја видовме, како што рече, со вработувањето на ќерката на Талат Џафери и синот на Мирослав Грчев во АД ЕЛЕМ, мајката на Костадинов, но и поделбата на високи суми на име на технолошки иновации на фирма на вицепремиерот Кочо Анѓушев, снаата на Цветанка Ласкова, Хари Локвенец и низа други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворена нова подрачна канцеларија на Агенцијата за катастар во Општина Ново Село
Агенцијата за катастар на недвижности отвори нова подрачна канцеларија во Општина Ново Село.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Иван Живковски, денес заедно со градоначалникот на Општина Ново Село официјално ја отворија новата подрачна канцеларија на Агенцијата.
Со отворањето на оваа канцеларија, повеќе од 10.000 жители на Општина Ново Село и околните населени места од денес ќе можат побрзо и поедноставно да ги остварат своите катастарски права и обврски, без потреба од патување до Струмица.
Директорот на Агенцијата, Иван Живковски, при посетата на новата канцеларија истакна дека ова е дел од поширокиот процес на реорганизација и системско приближување на институцијата до граѓаните, со цел обезбедување подостапни, поефикасни и поквалитетни услуги.
Македонија
Утрешното судење за пожарот во „Пулс“ е одложено за 26 јануари
Судењето за пожарот во „Пулс“ што требаше да се одржи утре е одложено за 26 јануари, соопшти Кривичниот суд. Расправата за пожарот во Кочани се одлага по барање на една од адвокатките која е избрана за нов член на Судскиот совет.
„Главната расправа за предметот со К.бр. 1872/25 поврзана со пожарот во Дискотеката ‘Пулс’ во Кочани, насрочена за утре 14.01.2026 – та година, се одлага по барање на бранителот на еден од обвинетите, адвокат Сузана Јошевска Анастасовска“, соопшти Судот.
Барањето е од причина што во текот на вчерашниот ден, Јошевска Анастасовска е избрана за член на Судскиот совет на РСМ, па заради исполнување на правото за ангажирање нов бранител и негово запознавање со предметот, утрешната расправа се отповикува, а судењето продолжува на следниот, претходно утврден термин, на 26.01.2026 година во 09:30 часот во судницата во КПУ Идризово.
Од Судот информираат дека заради економичност во постапувањето, странките се веќе известени за отповиканата расправа.
Македонија
Бугарски државјанин протеран од земјава, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина
Полицијата уапси бугарски државјанин на Граничен премин Деве Баир, кај него се пронајдени боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Според информациите на МВР, вчера во 13:30 часот на Граничен премин Деве Баир, на влез во државата, полициски службеници го приведоа Н.И.Л.(47) од Република Бугарија затоа што при гранични проверки и извршен преглед во содејство со царински службеници на патничко возило „хонда џез“ со бугарски национални ознаки, со кое допатувал, биле пронајдени и одземени метален боксирач и транспарент со навредлива содржина.
Од Основен суд Крива Паланка му била изречена парична глоба и санкција „протерување на странец од земјата“ во траење од една година.
На 13.01.2026 во 02:10 часот Н.И.Л. е спроведен во Граничниот премин Деве Баир и е предаден на бугарските погранични полициски служби.

