Македонија
(Видео) Арсовски: Нелегалната бетонска база во езерото ќе го бетонира уништувањето на Охрид
„Криминалниот картел на чело со аболираниот премиер Зоран Заев продолжува со самоволието и беззаконието на штета на македонската јавност и македонските граѓани. Којзнае кој пат се потврдува дека во Македонија правната држава е укината од страна на Зоран Заев и неговите локални шерифи“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, теснопартиските и бизнис-интересите наголемо се преплетени во Охрид. Тука во градот, чиј статус како град заштитен од УНЕСКО е загрозен, владее молк на локалната, но и на централната власт за нелегалната градба што никна на самото крајбрежје на Охридското Езеро.
„Како што можете да видите, се работи за бетонска база, која без дозвола од Општината ја гради добро познатиот на македонската јавност, советник Нефи Усеини. Овој човек важи за многу близок до градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, како и целото раководство на СДСМ во Охрид. Иако цел Охрид и охриѓани гледаат што се случува, при очи локалната власт се прави слепа и не постапува по основ на оваа нова дивоградба што никна на самото крајбрежје. Не смееме да заборавиме дека ова не е изолиран случај и дека во општина Охрид, во централното градско подрачје, покрај Чинарот, се гради нелегална тераса, што е поврзано со истиот советник. Институциите повторно молчат и за ова.
Причината е едноставна. Предизборните пазари што СДСМ ги прави само да остане на власт уште еднаш се на штета на граѓаните. Нефи Усеини и градоначалникот на СДСМ, Константин Георгиевски, имаат направено политички пазар од кој дел е изградбата на нелегалната бетонска база на брегот на Охридското Езеро, база што ќе го бетонира уништувањето на градот. Поради ваквото несовесно работење на Константин Георгиевски, поради џунглата од дивоградби за кои молчи локалната власт, на градот му се заканува да биде отстранет од листата на УНЕСКО. УНЕСКО не прогледува низ прсти за сите нелегални хотели, минариња, тераси и бази, како што тоа го прави Зоран Заев, со чија дозвола очигледно ова се прави. Локалната и централната власт мора да се охрабрат и покрај притисоците што ги врши Зоран Заев, да преземат мерки во согласност со законот и еднаш засекогаш да го санкционира башибозукот на урбаната мафија во Охрид. Доколку сега некои луѓе се заштитени од Заев, по падот на криминалниот картел од власт, ќе одговараат и оние што правеле и оние што аминувале криминал бидејќи ваквите дела никогаш не застаруваат“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.
Македонија
Четворица кандидати во трката за државен јавен обвинител добија позитивно мислење
Обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и судијата Ненад Савески добија позитивно мислење од Советот за јавни обвинители.
Петтиот кандидат, судијата Владимир Панчевски, уште пред почетокот на разгледувањето на кандидатурите беше исклучен од постапката за избор поради неисполнување на условите, односно има прекини во извршувањето на функцијата судија, која не ја врши ниту сега.
Постапката за избор на нов државен јавен обвинител започна со огласот што го распиша Собрание на Република Северна Македонија на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.
Согласно Законот за Јавното обвинителство, кандидатурите се доставуваат до Владата, која бара мислење од Советот на јавните обвинители. Советот има рок од 15 дена да достави образложени мислења. Доколку не даде позитивно мислење за ниеден кандидат, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. За избор на нов државен јавен обвинител се потребни најмалку 61 глас од пратениците.

