Македонија
(Видео) Атанасов: Со новиот закон за високо образование универзитетите им се враќаат на професорите и студентите
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија порачуваат дека ќе продолжат со спроведување на мерките за унапредување на образованието, што, како што велат, е предуслов за општествен развој, економски напредок и повисок животен стандард.
„Пратениците од владејачкото мнозинство вчера го изгласаа новиот закон за високо образование, кој обезбедува поголем квалитет на образованието и автономија на универзитетот. Со новата законска регулатива универзитетот што досега свесно беше ставен на маргините на општеството, повторно станува важен дел на системот. Ги обезбедуваме уставно загарантираната академска слобода, достоинство на професорите и на студентите и го враќаме угледот на универзитетот. Три основни начела се вградени во новото законско решение: почитување на автономијата на универзитетот, дизајнирање нов начин на управување со универзитетот, како и решавање на суштинските прашања, квалитетот и финансирањето во високото образование“ изјави Петар Атанасов од СДСМ.
Универзитетите, преку овој закон, според Атанасов, им се враќаат на професорите и на студентите, без можност за дневно политички влијанија во спроведувањето на нивната настава, научна и кадровска политика.
„Создадовме услови државните универзитети вистински да се реформираат, но не преку централизација на дејноста и функциите, туку преку подемократско и потранспарентно управување, во кое одлучувачки фактор ќе бидат професорите, нивните матични институции и студентите. Ова ново и исклучително важно законско решение беше подготвено во соработка со претставници на универзитетите, на синдикатите во образованието, како и претставници од професорскиот и од студентскиот пленум, што дава дополнителен квалитет. Исто така, процесот на подготовка на законот го следеа низа јавни расправи, при што беа земени предвид мислењата и предлозите што произлегоа од тие дебати“, додаде Атанасов.
Тој нагласи дека преку еден транспарентен и инклузивен процес усвоен е закон кој, како што вели Атанасов, е целосно во согласност со европските стандарди и критериуми, кој гарантира обезбедување квалитет во високото образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Вајц: Билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Томас Вајц, и главен известувач за извештаите на Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон членство во Европската Унија.
На средбата беше разговарано за процесот на европска интеграција и за последниот извештај на Европскиот парламент за Република Северна Македонија, усвоен со мнозинство гласови во јули 2025 година, во кој се нотира постигнатиот напредок и се нагласува потребата од отстранување на политичките блокади во процесот на пристапување.
Заменик-претседателот Сали изрази благодарност за континуираната поддршка од страна на европратеникот Вајц, при што беше реафирмиран ставот дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка за напредокот на европската интеграција. Европратеникот Вајц истакна дека процесот на проширување треба да се темели на објективни критериуми и европски вредности.
Двајцата соговорници се согласија за продолжување на блиската соработка и отворениот дијалог со институциите на Европската Унија, со цел забрзување на европскиот пат на Република Северна Македонија.
Македонија
(Видео) Филипче: Владата ја турка Македонија во изолација, изложена на туѓи авторитарни влијанија
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес конференција рече дека владата ја турка државата во изолација и ја оддалечува од европскиот пат, оставајќи ја изложена на авторитарни влијанија.
„Очигледно е веќе дека ниту се спроведуваат реформи, ниту се прават потребните чекори да се фати возот за Европската Унија, на којшто веќе многу напред одат Црна Гора и Албанија. Црна гора веќе го пишува договорот за пристап во Европската Унија, веќе се затвораат сите поглавја“, посочи Филипче, на денешната прес-конференција.
Тој додаде дека тоа што не се прават вистински реформи во правосудството, тоа што дополнително се прави партизација на сите по сите инстанции во правосудството, обвинителство, судии и така натаму е доказ дека се нема желба и волја да се оди понатаму.
Филипче предупреди и на зголеменото влијание на унгарскиот премиер Виктор Орбан врз домашните политики, кое, како што рече, е јасно видливо.
„Силното влијание на премиерот Орбан од Унгарија се гледа секој ден. Започна како финансиска зависност со кредитот од една милијарда евра, за којшто никој не знае каде се отидени парите. Во делот на медиумите има јасна мрежа на унгарски медиуми кај нас кои креираат силно антиевропско расположение кај граѓаните. Очигледно е дека оваа поврзаност со вакви авторитарни режими на северот од нас нè држи во изолација. Премиерот јасно кажа дека нема да има уставни измени и веќе не ни крие дека нема да има чекор напред кон Европа. Ја цитирам за жал и претседателката ’Измислен е патот кон Брисел‘, посочи Филипче.
Граѓаните мора да знаат, додаде тој, дека оваа влада ја држи земјата во изолација, оставена во овие комплексни геополитички случувања како изолирана земја, изложена на влијание на Русија.
„Кога Црна Гора и Албанија ќе станат земји членки на Европската Унија, а тоа може да се случи за една или две години, ние ќе стоиме во место, без реформи, без чекор напред“, порача претседателот на СДСМ.
Македонија
(Видео) Филипче: СДСМ има решение за 600 евра плата, помалку луксуз – поголеми плати за работниците
Стандардот на работниците практично е срозен изминатите две години. Соочени сме со ситуација во којашто владата на ВМРО и ЗНАМ ништо не направија за да платите имаат континуиран соодветен раст, за да може луѓето да излезат и да врзат крај со крај до крајот на месецот во услови кога цените неконтролирано растат, кога синдикалната кошничка надминува 66.000 денари, само за храна и пијалоци е потребно повеќе од третина, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, барањето на протестот на Сојузот на синдикати за минимална плата е сосема на место, соодветно и се темели на реални потреби на работниците.
„Затоа го поднесовме законот за 600 евра минимална плата. По вторпат го поднесуваме законот, првиот пат беше на крајот на 2024-та година, тогаш власта го одби и тука на површина излегува континуитетот на нашите политики“, рече Филипче.
„Ќе го кажам и нашиот предлог како да се стигне до парите кои што се потребни за да се зголеми минималната плата и со тоа да се обезбеди достоинствен живот на работниците. Значи според законот којшто го поднесовме нашата пресметка затоа се потребни 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра. Вкупните буџетски расходи за 2026 година се планирани на рекордни 365,5 милијарди денари, што е историски највисоко ниво. А имајќи предвид дека не се прави ништо за доброто на работниците, очигледно е дека огромниот процент од овие пари ќе оди за комоција на власта и ништо друго. И за партизирање на администрацијата, односно вработување со договор на дело на партиски војници кои што секојдневно го гледаме во министерствата. Првата ставка категорија 42 од Буџетот, стоки и каде што се планирани 27,5 милијарди денари. И тука влегуваат патни дневни расходи тука влегуваат договорни услуги, репрезентации, ручеци, нови коли, мебел, комфор за функционерите од власта. Ако се скрати помеѓу 20-30 % од оваа категориј,а се стигнува до сума на пари од 5,5-8 милијарди денари односно 90 до 130 милиони евра. И веќе тука се задоволуваат потребите за зголемување на платите на работниците“, рече Филипче.
Понатаму, додаде тој, имајќи предвид дека со формираа нови министерства, дека тука кабинети се опремуваат се вработуваат повторно по партиски клуч луѓе, имаме категорија 46 – субвенции трансфери, ставка 464 разни трансфери којашто е тешка 22 милијарди денари од кои што со 20-тина проценти да се обезбедат кратење, да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
„Значи, во само две категории 46 и 42 може да се обезбедат помеѓу 130 или 205 милиони евра, сосема доволна сума на пари. Прво да се зголемат платите на работниците до 600 евра и одам чекор понатаму, да се излезе во пресрет на барањето и потребата на приватните компании да се субвенционираат придонесите за празните осигурувања со цел да и приватните компании ги зголемат платите на работниците без да имаат дополнителен терат во плаќање на придонесите. И тоа е нешто што мислам дека е сосем разумно .Мислам дека и на компаниите им е тоа потребно, без да се загрози нивната ликвидност. Со ова практично сметам дека е јасно дека нема простор за изговори. Ако владата сака тогаш ова кратење може да се направи само во овие две ставки на Буџетот. Нека дадат предлог за ребаланс веднаш ќе го поддржиме во Собранието. Не може да се планира пари само за луксузирање, за патување, а да нема пари за основните потреби на работниците.“, појасни Филипче.

