Македонија
(Видео) Благодатниот оган од Ерусалим пристигна во Скопје
На Меѓународниот аеродром Скопје вечерва стигна благодатниот оган директно од Ерусалим.
Премиерот Димитар Ковачевски и свечена делегација на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, со присуство на претставници на почесната гарда на Армијата, ги пречекаа државната и црковната делегација, кои од Ерусалим го пренесоа Благодатниот оган во Скопје.
Оваа година, за прв пат, државна делегација на Македонија и црковна делегација на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, присуствуваа на официјалната церемонија на преземање на Светиот Благодатен оган во Базиликата на Светиот Гроб во Ерусалим, без да бидат дел од делегација на друга држава.
Благодатниот оган го преземаа лично претставниците на македонската државна и црковната делегација од Ерусалимскиот патријарх и го донесоа во земјава, како благослов за македонскиот православен народ и за нашата помесна православна црква, МПЦ-ОА.

Благодатниот оган, во фенер, го изнесе делегатот на Светиот архиерејски Синод на МПЦ-ОА, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф, Митрополит Тетовски-гостиварски, по што од него свеќи запалија присутните претставници на владината и на црковната делегација, кои ги пречекаа делегациите од Ерусалим.
Од Благодатниот оган свеќа запали и премиерот Ковачевски, кој го честиташе претстојниот празник Христовото Воскресение – Велигден на претставниците на МПЦ-ОА, на присутните, како и на сите граѓани кои празнуваат.
![]()
Премиерот Ковачевски порача дека личното присуство на македонска државна и црковна делегација во Ерусалим и непосредното пренесување на Благодатниот оган во земјава, е уште еден значаен момент во македонската национална и црковна меморија, што го прави посебно овогодишното чествување на најголемиот христијански празник, Христовото Воскресение – Велигден.
По церемонијата на пречекот на аеродромот во Скопје, свештените лица го пренесуваат Благодатниот оган до поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, како и до храмовите и епархиите ширум државата.
Во составот на владината делегација, во Ерусалим беа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.
Симнувањето на Благодатниот оган во базиликата на Светиот Христов гроб во Ерусалим секоја сабота пред Христовото Воскресение, има древна традиција во христијанството и се случува во очекување на најрадосната објава за Христовото Воскресение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

