Македонија
(Видео) „’Вардариште’ и ‘Дрисла’ – симболи на распадот во системот за отпад, а ВМРО-ДПМНЕ без решение“, вели Шукова
„По Вардариште, пожарот на Дрисла ги докрајчи жителите на Скопје. Ова е најдобар доказ за неодговорното и неспособно управување на ВМРО-ДПМНЕ со градот. Четири години немаат никакво системско решение за управување со отпадот, додека ризикот по здравјето на скопјани расте секој ден. Наместо конкретни мерки, добивме само популизам и празни ветувања“, рече Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ.
„Додека градот се гуши во ѓубре и чад, тие одржуваат прес-конференции за нереални фестивали, паркови на контаминирано земјиште за евтини партиски поени. Но, град не се води со флоскули.
Орце Ѓорѓиевски веќе со денови се крие и одбегнува соочување со граѓаните. Дали навистина мисли дека може да управува со Скопје со нереални ветувања? Проекти како „парк на Вардариште“ се класичен пример за краткорочен популизам, кој не допира до суштината на проблемот.
Вардариште и Дрисла станаа симболи на хаосот во управувањето со отпад – хаос што ВМРО-ДПМНЕ не знае, не може и не сака да го реши.
Мојот план е јасен. СДСМ има конкретно и одржливо решение за Вардариште и за управувањето со отпадот во Скопје:
Итно оградување и заштита на просторот на Вардариште, со контролиран пристап исклучиво за службите на комунална хигиена.
Воспоставување 24-часовно физичко обезбедување за спречување пожари и вандализам.
На среден и долг рок: изградба на нова претоварна станица според европски стандарди, како дел од систем за целосно управување со отпад – од собирање, преку селекција, до финално депонирање во Дрисла.
Безбедноста, деконтаминацијата и изградбата на модерен систем се клучни за долгорочно решение.
Го повикувам уште еднаш Орце Ѓорѓиевски на јавно соочување. Ајде да им покажеме на скопјани кој има реална визија и план. Овој проблем не бара популизам – туку одговорност и работа. Здравјето на граѓаните мора да биде приоритет број еден“, изјави Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

