Економија
(Видео) Велковски: Сите пратеници да ги поддржат законите од пакетот антикризни мерки во Собранието
 
																								
												
												
											„Во услови на најголема економска и енергетска криза, во која се наоѓа Европа и светот, се чувствуваат силни последици од она што се случува на глобоално ниво, растат цените за храна и енергија. Почитувани во собраниска процедура се поднесени повеќе економски мерки вредни 400 милиони евра директно насочен кон заштита на стандардот на граѓаните и помош на стопанството. Целосно се укинува ДДВ за основните производи храна, на 0%. Лебот, брашното, маслото за јадење, млекото, шеќерот, месото, јајцата и оризот се опфатени со оваа мерка. Ги укинуваме царинските давачки за увозот на основните прехранбени производи, и тоа од сите земји во светот. На овој начин го ублажуваме влијанието на ценовните шокови врз основните прехранбени производи”, изјави Диме Велковски, пратеник на СДСМ
Тој додаде дека се намалува и акцизата за горивата и го намалуваме ДДВ за енергенсите од 18 на 10%, со што бензинот ќе поефтини за 11,5 денари а дизелот за 10 денари.
Велковски истакна дека за ранливите граѓани воведуваат парични ваучери од 3.000 денари. Над 35 илјади граѓани ќе имаат директен бенефит од оваа мерка, што во време на глобална енергетска криза е добредојдена.
Тој ги повикува сите пратеници да дадат поддршка на овие измени што за граѓаните ќе значат поевтина храна и ублажување на последиците од поскапувањето на горивата.
Итноста на ситуацијата со огромната светска економска и енергетска криза, налага овие закони да бидат донесени што побрзо. Граѓаните не смеат да чекаат ниту ден повеќе, изјави Велковски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
 
																	
																															Економија
Одржана седница на Советот на Народната банка: Стабилноста на банкарскиот систем и натаму јакне
 
														Советот на Народната банка, на својата редовна седница, го усвои Извештајот за ризиците за банкарскиот сектор за вториот квартал од 2025 година.
Во услови на забрзан раст на домашната економија и забавување на инфлацијата, банкарскиот систем ја задржа стабилноста, солвентноста се подобри, а стапката на адекватност на капиталот достигна 19,6%, што е највисокото ниво од 2006 година. Ликвидноста на банкарскиот систем се задржа на задоволително ниво, а ликвидните средства покриваат значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. И квалитетот на кредитното портфолио се подобри во овој квартал, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,4%, известуваат од Народната банка.
Во услови на олеснети кредитни стандарди и зголемена кредитна побарувачка, зајакнатата солвентност го поддржа побрзиот раст на кредитирањето на домаќинствата и на претпријатијата, којшто на квартална основа изнесува 3,1% и 4,3%, соодветно. И депозитите растеа побрзо во вториот квартал од годината, при што и натаму има поволни движења според валутата и рочноста на депозитите.
Народната банка и во иднина ќе биде внимателна во водењето на монетарната и макропрудентната политика, во време кога сè уште има изразена надворешна и домашна неизвесност. Се нагласува потребата од претпазливост и постојано следење на ризиците заради задржување на стабилноста на банкарскиот сектор и во наредниот период.
Советот на Народната банка ја усвои Рамката за одржливост со што се поставува основата за систематско воведување одржливи практики во секојдневното работење. Рамката за одржливост има за цел да придонесе кон поголема енергетска ефикасност, одговорно користење на ресурсите, поттикнување зелени финансии и намалување на јаглеродниот отпечаток, како и кон подигање на свеста и зајакнување на капацитетите на вработените во областа на одржливото работење. Со нејзиното усвојување, Народната банка ќе продолжи со активностите насочени кон унапредување на еколошките практики, финансиската писменост и одговорното делување, заради долгорочна економска стабилност и општествена благосостојба, се додава во соопштението на Народната банка.
Економија
ЕВН Македонија учествуваше на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој
 
														Високи претставници на ЕВН Македонија земаа активно учество на 14-тиот Меѓународен форум за енергетика и одржлив развој, кој оваа година се одржа во Скопје под мотото „Од цели кон акција: Напојување на иднината со одржлива енергија“.
Настанот се организираше од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во соработка со Канцеларијата на Програмата за развој на Обединетите нации УНДП и петте регионални комисии на ОН.
На отворањето се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која истакна: „Енергетската отпорност денес значи способност системот да издржи, да се прилагоди и да продолжи да функционира, дури и во услови на неизвесност и геополитички потреси.“
Тридневниот форум обедини над 500 учесници од 70 земји, вклучувајќи и претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, како и експерти и претставници од бизнис зедницата.
Првиот човек на ЕВН Македонија, Волфганг Маиер се обрати за време на сесијата посветена на „Финансирање на енергетската ефикасност и обновливите извори“. Тој истакна дека нема зелена транзиција без силни, паметни и модерни дистрибутивни мрежи.
„Не можеме да градиме зелена енергетска иднина на мрежа од 20-ти век. Надградените и модерни мрежи се суштински за интегрирање на обновливата енергија, но тоа доаѓа со многу висока цена. Затоа, меѓународните фондови, поволните заеми и стабилната регулаторна рамка се клучни за да се остварат неопходните инвестиции.“
Менаџерот во ЕВН Македонија Електроснабдување, Беркант Шен, зборуваше за улогата на ЕВН во развојот на инфраструктурата за полнење на електричните возила во државата, со што директно се придонесува кон забрзување на електричната мобилност и заштитата на животната средина.
Во фокусот на годинешната водечка глобална платформа за унапредување на одржливата енергија се енергетската транзиција, новите технологии и пазарот, производството на енергија, како и меѓународната соработка за енергетска сигурност.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
 
														Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59% во однос на одлуката од 29.10.2025 година.
Од 31.10.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 70,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 69,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,057 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 3,480%, кај дизелот за 1,760%, кај екстра лесното масло за 5,965% и кај мазутот зголемувањето е за 3,830%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,0496%


 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											 
														 
																											