Македонија
(Видео) Владата организираше свеченост по повод ,,Св. Кирил и Методиј”
Владата денеска организираше свеченост по повод Денот на сесловенските просветители и учители, Св. Кирил и Методиј, во Националната филхармонија во Скопје. Настанот го отвори премиерот Зоран Заев, кој им го честита на сите присутни големиот државен празник.Во продолжение го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Зоран Заев:
„Дозволете ми, сосема накусо, да го посветам ова мое обраќање во чест на исклучителното големо, историско дело, на Светите браќа Кирил и Методиј.Денешниот ден, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители не повикува да го одбележиме извонредното и единствено историско-културолошко и епохално просветителско значење за Европа, светот и Република Северна Македонија, изразено преку нивните мисии меѓу словенските народи во деветтиот век. просветителска мисија како поттик на епохален цивилизациски процес.
Целта на мисиите, којашто покрај христијанизација, описменувањето и просветлувањето имала и функција на теолошка апологија на старословенскиот јазик и неговото користење во божјите служби кои дотогаш во Европа се вршеле само на три јазици – на латински, грчки и германски.
Темелот на тој културолошки процес бил создавањето на првата азбука – глаголицата. Константин Философ, кој подоцна го добива монашкото име Кирил, за основа на создавањето на првото словенско писмо, глаголицата, ги зема говорните карактеристики на словенско население на територијата на Македонија, во околината на родниот град на Светите браќа Кирил и Методиј – Солун.

Ова ново писмо, благодарение на исклучителниот лингвистички сенс на неговиот креатор Свети Кирил, верно ги предава словенските фонетски особености, а истовремено им дава длабок печат на христијанските симболи.Намерата на нивната мисија е Библијата да биде достапна за сите Словени. Нивната мисија тогаш имала наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога.
Нивната мисија ја имала и целта преку писмо разбирливо за словенските народи да се организира заедништвото во црквата како суштинска карактеристика на христијанската вера.Со преведената Библија, во ракопис, Светите браќа Кирил и Методиј прво ги извршуваат мисиите меѓу Сарацените и Хазарите.
Подоцна, на повик од царот Ростислав заминуваат во Моравија и таму го распространуваат и утврдуваат христијанството на старословенски јазик сосема разбирлив за тамошното население. Ја развиваат препишувачката школа во тогашните манастири и ги умножуваат книгите за да им ги остават на свештениците за да ја продолжат нивната мисија.На повик од папата заминуваат за Рим, каде што Кирил се разболе и умира, на 14 февруари 869 година.
Методиј се враќа во Моравија и до смртта се посветил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт, на 6 април 885 година, неговите ученици Петочисленици, на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминуваат Дунав и се враќаат меѓу јужните Словени и Словенски народи и ја основаат Преславската книжевна школа. Климент е испратен во областа Кутмичевица, на југ во Македонија, каде што во Охрид ја основа Свети Климентовата Охридска школа на ниво на прв Универзитет во Европа.
Неодамна, за време на првата историска посета на еден Папа на нашата земја, Папата Франциск, имавме можност уште еднаш да се потсетиме на епохалното значење на појавата и на мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј.Во својата енциклика, послание, од 31 декември 1980 година, со која Папата Јован Павле ги прогласува Светите браќа за патрони, заштитници, на Европа, светиот отец кој по својата смрт е беатификуван во редот на светите ликови на Католичката црква, пишува дека оваа своја одлука ја донел од три причини:
Прво, заради јубилејот 11 века од писмото на Папата Јован Осми, кој ја одобри употребата на старословенскиот јазик и писмо, утврдени од Светите браќа Кирил и Методиј, како јазик и писмо на кој се дозволи да се одржува светата литургија меѓу словенските народи;второ, во чест на стогодишнината од одлуката на Папата Лео Тринаесетти со која тој го прошири култот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј меѓу сите христијани, без разлика на која деноминација и припаѓаат; и трето, во чест на ветувачкиот теолошки дијалог меѓу Католичката црква и православните Цркви на островот Патмос, кој се одржа токму во 1980 година, во истата година кога Светите Кирил и Методиј беа прогласени за патрони, за заштитници на Европа.
Овој чин, само потврди дека мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме, сеќавајќи се на нив и на историјата, истовремено свртени со поглед кон иднината за која велиме дека заедничкитe допирни точки не нè делат, туку нè поврзуваат. Оваа вредност, еве и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира.Во тој дух ние денеска можеме да кажеме дека почитувањето на делото на Светите браќа, заедно со сите останати словенски и други народи кои чувствуваат ист долг кон нивната мисија и наследство, и ја слават нивната цивилизаторска мисија со достоинство и чест, е обединувачки фактор толку значаен за нашата современост и иднина.Нека ни е честит и вековит 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј”, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

