Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Куманово не смее да падне во рацете на Мартин Костовски

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска го критикуваше кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски, обвинувајќи го за низа спорни постапки и поврзаност со, како што рече, старата матрица на владеење.
Петрушевски потсети дека Костовски, како директор на Службен весник, го објавил Законот за двојазичност без потпис на претседателот на државата, што претставува директно кршење на Уставот. Тој додаде и дека за таа постапка постои кривична пријава.
На прес-конференцијата беа спомнати и наводни сомненија за политички пазар околу францускиот предлог, со вработување на сопругата на Костовски во МНР. Петрушевски го обвини кандидатот и за насилен инцидент од 2017 година кога во алкохолизирана состојба нападнал учесник на протест, и праша како со државна плата започнал изградба на зграда во центарот на Куманово, која потоа била стопирана поради неправилности.
„Куманово не смее да падне во рацете на човек со вакво минато. Куманово заслужува чесност, отчетност и визија – работи кои Мартин Костовски не може да ги понуди“, изјави Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги објави имињата на уште шест кандидати за градоначалници

Покрај кандидатурата на Орце Ѓоргиевски за градоначалник на Скопје, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за уште шестмина кандидати кои ќе влезат во градоначалничката трка на претстојните локални избори.
Нивните имиња ги соопшти премиерот, Христијан Мицкоски, по состанокот.
За Гази Баба повторно е кандидиран актуелниот градоначалник, Бобан Стефковски.
За Карпош – Сотир Лукровски, кој доаѓа од приватниот сектор, а Мицкоски за него кажа дека има успешна професионална кариера и менаџерски способности.
Кандидат за Лозово е актуелниот Бошко Цветковски, за Пехчево – актуелниот Александар Китански, за Ресен – актуелниот Јован Тозиевски и за Зрновци – актуелниот Борчо Коцев.
„Во изминатите четири години покажавме дека градоначалниците од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ можат да раководат чесно, без скандали, без афери и со многу работа“, изјави Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ и премиер додаде и дека на овие избори, партијата настапува со понуда за чесни, некомпромитирани и вредни кадри, затоа што токму тоа ѝ недостигало на државата и на општините со децении. Истовремено, најави Мицкоски, ќе излезат пред граѓаните со јасна визија и програма за развој на секоја општина.