Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи законот за Клинички центар
Со контроверзен закон Заев и Филипче сакаат да протнат криминална зделка за нов клинички центар, ВМРО-ДПМНЕ целосно го отфрла. Ова на прес-конференција го изјави Игор Николов.
Според него, СДСМ и Владата предводена од оваа партија, продолжуваат со концептот на демонтирање на здравствениот систем.
„Наместо анализа на новонастанатата состојба во здравството со корона-епидемијата, наместо утврдување на потребите и приоритетите на здравствениот систем, деновиве СДСМ е во криминален поход за реализација на проект, кој секоја година го најавуваат, а тоа е нов Клинички центар. Зајакнувањето на капацитетите на здравствениот систем е приоритет за сите. Тоа зајакнување не треба да се изведе со нетранспарентен процес и закон од само 9 членови, кој не обезбедува никакви детали за тоа што ќе се добие на крајот од проектот“, рече Николов.
Според опозициската партија, денес ќе дебатирале за потребата од втор клинички центар, доколку СДСМ не го прекинеле проектот Клинички центар Мајка Тереза.
Николов вели и дека власта предлага закон за клинички, а ги нема решено имотно-правните односи на самото земјиште, не им е отпочната постапката за експропријација.
„Немаат анализа за потребата од централизација или пак децентрализација на здравствениот систем настаната од корона епидемијата, немаат проект, немаат испитувања за геомеханиката на земјиштето, ниту за евентуални археолошки наоѓалишта“, вели Николов.
Градбата на нов клинички центар вака како што тие го замислуваат и сакаат да го протуркаат претставува извор на корупција, рече Николов и додаде дека овој предлог е само една работна верзија на закон. Овој предлог наместо да обезбеди одбирање на најдобрата компанија, стимулира некаква заедница на компании.
Николов посочи и дека самата јавна набавка е спорна.
„Ова е работна верзија на закон, со оваа работна верзија се елиминира конкуренцијата, не се добива најдобриот понудувач туку се стимулира можноста за фиктивни понуди. Дури, постои и однапред можност за однапред договорени фиктивни понуди“, додаде Николов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.
Македонија
Утре облачно време со температура до 14 степени, од недела заладување
Времето утре ќе биде облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m² , а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.
Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

