Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Граѓаните да ги ажурираат своите податоци за „Безбеден град“ на посебниот шалтер во МТВ или во станиците за технички преглед
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека на посебниот шалтер во Одделот за граѓански работи, во зградата на МТВ (приземје) во Скопје, кој работи секој работен ден во периодот од 08:00 до 17:00 часот можат да поднесат барање за промена на контакт-податоците кои ги доставиле при регистрација на возилата, доколку има настаната промена или во случај да имаат добиено известување со неточни податоци.
Истото, може да се изврши и низ станиците за технички преглед на возила во државата каде што е распореден деташиран референт на МВР.
Македонија
Делови од Кисела Вода и Чаир денеска без струја
Од ЕВН Македонија информираат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците од улиците Кујунџиска и Битпазарска, објектите лоцирани околу националната галерија Чифте Амам, како и дел од корисниците од старата чаршија. (општина Чаир)
– во периодот од 10.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Јустинијан Први лоцирани околу ДИМ Маркет, како и дел од корисниците од улицата Речиште. (општина Кисела Вода)
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни возила
Поради протест блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата на товарни моторни возила.
Како што известуваат од Макам-Транс, превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора на 26.01.2026 година започнаа протест со блокада на граничните премини за влез и излез на товарни моторни возила од државите кој ќе трае до надминување на проблемот за евиденција на престој на возачите во Шенген зоната.
Граничните премини кои се блокирани се: Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење.
Затворени се граничните терминали за влез на товарни моторни возила на територија на нашата држава и на коловозните ленти на самите гранични премини за излез од државата, но само на делот за товарен сообраќај.
Патничкиот сообраќај за патници несметано ќе се врши на секој граничен премин, велат од Макам-Транс.
Како што информира АМСМ, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

