Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ: Спасовски трет ден ги премолчува деталите за убиеното момче
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на прес-конференција обвини дека трет ден министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, молчи за деталите за случајот со убиеното 21-годишно момче Никола Саздовски – Саздо.
„Кој е третиот што учествувал во убиството и зошто досега не е приведен? Дали власта го крие или во моментов се бара канал за негово бегство од земјава? Дали поради тоа сè уште нема распишано меѓународна потерница и не се објавува негова фотографија, за јавноста да може да пријави доколку го види? Дали е во тек истото сценарио по коешто се режираше бегството на убиецот на младиот фудбалер Мартин Јанушев, кој беше убиен пред својот дом? Дали во автомобилот со којшто дошле убијците имало и четврто лице? Кое е тоа лице и зошто нема пријава за помагање на истото? Кои се инспекторите коишто го квалификуваа убиството како насилство? По чија наредба оваа брутална ликвидација ја квалификуваа како поблаго дело, а не како убиство, што впрочем е? Зошто нема постапки против нив?“, праша ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата го повтори ставот дека СДСМ преку Оливер Спасовски сака да го сокрие убиството на Саздовски и побара оставка од министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

