Македонија
(Видео) Вчера казнети 170 пијани и 556 возачи што возеле пребрзо
МВР и РСБСП продолжуваат со едукативни, сообраќајно превентивни активности во рамките на „Летната кампања 2021“ , но истовремено продолжуваат и засилените контроли на сообраќајната полиција, се со цел безбедно лето и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.
„Летна кампања 2021“ се реализира под мотото„ Вози одморен“ и целта на МВР и РСБСП е да ги потсетат возачите на влијанието на заморот и високите летни температури на способноста за управување на моторно возило.
Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а од нив голем дел се последица на заморот. Водејќи се од тоа, МВР и РСБСП преку едукативни материјали и преку дистрибуција на вода, ваучери за кафе, маици и друг едукативен материјал и преку едукативни разговори и советување ги потсетуваат возачите да не ги преценуваат своите возачки способности, да не си поставуваат нереални цели во патувањето (како на пример: во 8.00 часот треба да бидам на плажа, за 6 часа стигнав до целта, јас можам да возам 10 часа без паузи, итн.) туку напротив да патуваат одморени, наспиени и да одмараат веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор.
![]()
Брзото возење и возењето под дејство на алкохол исто така се во групата на главни причинители на сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици и токму затоа во рамките на Летната кампања 2021, МВР и РСБСП посветуваат големо внимание на овие ризик фактори.
„Да се управува моторно возило под дејство на алкохол е незаконска и крајно неодговорна работа, спротивна на сите општествени вредности, спротивно на хуманите вредности кои секој човек треба да ги почитува и негува, бидејки така се загрозува животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. РСБСП како институција чии надлежности се генерално во областа на превенцијата, постојано укажува на ризикот на кој се изложува еден возач доколку управува моторно возило под дејство на алкохол. Со помош на таканаречени „Пијани наочари“ , кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, се обидуваме да им укажеме на возачите за тоа какви се нивните физички способности кога консумираат алкохол и колку е опасно да се учествува во сообраќај под дејство на алкохол. Пораката која РСБСП и МВР ја упатуваат денес од Куманово е: „ Во сообраќајот нема место за возачи кои возат брзо и под дејство на алкохол!“ истакна Гордана Кожуваровска,претседател на РСБСП.
И репресивните мерки на МВР се насочени најмногу токму кон возачите кои возат брзо и/или под дејство на алкохол.
„Нула толеранција за лица кои возат под дејство на алкохол. Нула толеранција за возачите кои возат брзо и агресивно. Нула толеранција за сите учесници во сообраќајот кои грубо и неодговорно ги прекршуваат сообраќајните правила и прописи. Нашата цел е заштита на животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот, граѓаните тоа го знаат, го препознаваат и ги поддржуваат нашите активности, затоа што тоа е за општото добро на сите. Вчера на територијата на СВР Куманово санкционирани се 26 возачи под дејство на алкохол и 69 возачи кои ги прекршувале правилата за ограничување на брзината. На цела територија на државата санкционирани се 170 возачи кои возеле под дејство на алкохол и 556 возачи кои возеле пребрзо.
Повторно апелираме до сите учесници во сообраќајот, да демонстрираат повисоко ниво на лична одговорност и да дадат свој личен придонес за побезбеден сообраќај и за помалку настрадани лица на улиците и патиштата во Република Северна Македонија. Единствено преку повисоко ниво на дисциплина и одговорност на секој учесник во сообраќајот поединечно, ќе го направиме сообраќајот побезбеден за сите. Акцијата за нула толеранција за возачи под дејство на алкохол, и нула толеранција за оние кои возат брзо и агресивно, продолжува“ рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски.
#ВОЗИОДГОВОРНО!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

