Македонија
(Видео) Господ ми даде сила, ја фатив за уши и успеав да ја турнам, раскажа сточарот кој беше нападнат од мечка

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, се сретна и разговара со повредениот Цане Србиновски, 61-годишник, жител на село Дреновци во општина Долнени, кој претрпе опасен напад од мечка на Бабуна, во поширокот атар на селото Оморани во неделата.
Србиновски раскажа како се случил нападот и како успеал да се спаси.
„Беше Благовец, го терав добитокот и едно време пред мене излезе мечка. Ме грабна за ногата и паднав на грбот. Кога паднав, носев чизми. Ме фати преку чизмата и немаше што да правам. Не знам како се извлеков. Со десната нога ја мавнав и ме пушти, па пак ме фати за ногата, а јас повторно ја удрив. Ми даде Господ сила, ја грабнав за уши. Ја држев можеби половина час. Се исплашив, ја држев. Потоа ја турнав и веднаш станав. Ме гледаше и заминав до колибата, нозете ми се вкочанија. Вечерта немаше никој, дури во понеделникот децата ме најдоа“, раскажа Србиновски.
Ангелов му рече дека ЦУК се обидува да го реши проблемот со мечките, кои ги има во поголем број. Нашата цел, рече Ангелов, не ни е да ги убиваме мечките, но оние што напаѓаат треба да се отстранат.
Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, рече Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сообраќајот на патот Градско – Прилеп во прекин

Поради случена сообраќајна незгода, патот Градско – Прилеп е во целосен прекин, информира АМСМ.
„Поради товарно моторно возило сообраќајот е попречен на експресниот пат Градско према Прилеп (односно према село Дреново), сообраќајот е во целосен прекин и се одвива по стариот пат низ село Росоман“, велат од АМСМ.
Македонија
Почнува реновирањето на Клиниката за гинекологија

Премиерот, Христијан Мицкоски, утре ќе присуствува на почеток на комплетно реновирање и реконструкција на амбулантите, лабораториите и специјалистичките кабинети на Клинички центар „Мајка Тереза“ ЈЗУ УК Гинекологија и акушерство во Скопје.
Од Владата информираат дека реконструкцијата е во износ од 29.000.000 денари со што, како што пишува во соопштението, ќе се создадат услови за поефикасна дијагностика и лекување на пациентите.
Македонија
Утре облачно време, попладне дожд

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер (над 60 km/h) и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса времето во следните денови ќе биде променливо облачно и топло со сончеви периоди. Наместа ќе биде нестабилно со врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град, особено во деновите од викендот.