Македонија
(Видео) Во карантин двајца лекари вратени од конгрес во Мадрид, каде што што имало заболен од коронавирус
Двајца наши лекари, кои биле на конгрес во Мадрид, а во саботата се вратиле во Македонија, ќе бидат ставени во домашна изолација затоа што кај еден од предавачите на конгресот бил потврден коронавирус. Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека на двајцата лекари ќе им бидат извршени тестови, а резултатите ќе бидат соопштени во текот на денот. Филипче истакна дека лекарите рекле оти немале никаков контакт со заболениот предавач и дека шансите да го имаат вирусот или да се преносители се многу мали.
„Преку СЗО вчера бевме известени дека двајца наши колеги лекари биле на конгрес во Мадрид, а еден од предавачите имал коронавирус. Доцна во саботата лекарите стигнале во Македонија, а вчера немале контакт со никого, освен со домашните. Тие денеска ќе бидат тестирани на Клиниката за инфективни болести, па ќе бидат ставени во домашен карантин во траење од 14 дена. Лекарите рекле дека немале контакт со предавачот и со оглед на малата експоненција од еден и пол ден сметаме дека е исклучително мал ризикот тие да бидат заразени, а уште помалку тие да бидат преносители“, рече Филипче.
Министерот информира дека состојбата на единствената пациентка со коронавирус во Македонија се подобрува и дека веќе трет ден таа нема температура.
Во изминатото деноноќие нема пациенти што се јавиле во болниците со симптоми на коронавирус. Филипче рече дека карантинот, односно изолацијата, се одвива добро и дека епидемиолозите се во редовен контакт со луѓето што се во домашна изолација.
Филипче истакна дека има доволно тестови за коронавирус, речиси 1.000, а досега се тестирани 13 лица, сите со негативни резултати.
Тој исто така информира дека викендов во државава се пристигнати 10 автобуси преку Табановце и дека сите патници се испрашани според прашалникот. „Викендов во државата се пристигнати 10 автобуси на граничниот премин Табановце и се извршени анкетите кај патниците на скопскиот и охридскиот аеродром. Нема податок дека има заболен, ниту пак дека некој од патницитебил во контакт со заболено лице во некој од ризичните региони во северна Италија“, рече Филипче.
Тој информира и дека сè уште се прават контроли во аптеките дали има зголемување на цените на заштитните маски и средствата за дезинфекција и дека попладнево се очекуваат резултатите.
Тој упати порака до граѓаните дека за дезинфекција на рацете исто ефикасен како метанолот, кој моментно го нема поради административен проблем, е изопропил алкохолот, кој што го има во аптеките. Филипче рече дека има ист ефект како метанолот и е во согласност со препораките на СЗО.
Што се однесува до препораките за откажување сите јавни собири и одржување спортски натпревари без публика до 6 март, Филипче рече дека тие нема да се продолжат доколку ситуацијата со коронавирусот до тогаш остане иста како и денеска, односно ако бројот на заразени остане само на еден и ако нема нови сомнителни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

