Македонија
(Видео) Депонијата кај Чегране гори втор ден

Инспектори на Државниот инспекторат извршија увид на запалената депонија кај Чегране, Полошко, извести Центарот за управување со кризи.
– На повик на командирот на ТППЕ Тетово Авни Ахмети денеска сум кај депонијата во Чегране, која што повеќе од една година не е активна, а на која што се складирало ѓубриште од општините Чегране и Брвеница. Веќе втор ден депонијата гори иако вчера територијалната противпожарна единица од Тетово даде се од себе, цел ден се обидуваа да ја изгаснат, но не успеаја, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Поради тоа, донесена е одлука депонијата да биде затрупана.
– Во текот на вчерашниот ден се почнати активности да ја затрупаме, денеска исто така се работио со тешка механизација да се затрупа за да се спречи горење на оваа депонија, додаде Ангелов.
Во тек е увид од страна на увидна екипа на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Од четврток температурите ќе паднат за 8 до 10 степени

Утре ќе се задржи многу топло време, а во попладневните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност. Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец, информира УХРМ.
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h) во среда, а особено во четврток ќе има значително опаѓање на дневната температура (од 8 до 10 степени).
Во среда претежно во северните делови ќе има услови за повремен дожд, а во петок локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
(Видео) „Максим Димитриевски е симболот на лажниот патриотизам и профитерството“, велат од СДСМ Куманово

„Денес сите граѓани на Куманово и цела држава гледаат кој навистина е Максим Димитриевски: политичар без чест, без принципи и без срам. Човек кој под маската на „патриот“ и „борец за правда“ всушност трупа личен профит, тера криминал и се спасува од правни постапки“, рече Марина Манојловска, претседателка на Форум на Жени на СДСМ Куманово.
„Овој човек кој со години зборуваше за „независност на правосудството“ и „борба против неправдата“ лично го ништи обвинителството за да ја спаси својата кожа. И токму тогаш, кога требаше да биде донесена пресуда за неговите незаконски дејствија, одеднаш обвинителството се повлече. Дали е ова правдата за која зборува, која важи за сите освен за него. Профит коалицијата на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ јасно потврдува дека правда неам да има.
Максим Димитриевски е разобличен и дома, во Куманово. Тој заедно со ДУИ изгласа Детален урбанистички план со кој си обезбеди лично 300.000 евра. Го претвори Куманово во приватна фирма за полнење на неговиот џеб. Со поддршка на ДУИ и со молк од ВМРО-ДПМНЕ, тој ги продаваше интересите на граѓаните за лични зделки.
Димитриевски не е борец за правда туку манипулатор кој во политиката е само за свои профити. Неговата „борба“ завршува таму каде што почнува неговиот интерес. Наместо да им служи на граѓаните, наместо да го чува Куманово, тој го претвори во своја приватна фирма.
Максим Димитриевски денес е симбол на политичар кој си ги погазил сите принципи и ветувања. Човекот го надмина дури и Христија Мицкоски со лажење и превртливи политики. Политичар кој ја продаде сопствената чест за заштита од кривично гонење и за неколку станови и евро повеќе.
Со кој образ Димитриевски ќе бара нов мандат во Куманово? Ги погази ветувањата за правда, правда нема, има само спас од прогон за него. Се откри дека е лажен патриот, молчи пред сите национални понижувања кои ги приредува владата. Се потврди дека е лажен борец против криминалот на албанските партнери за кои по цели денови трубеше на телевизија. Си гласа ДУП-ови со ДУИ, молчи за криминалот со дивоградбите на ВЛЕН. Куманово пропаѓа во смет, хаос и безредие, нема реалзиирано ништо од ветувањата. Ваков човек не заслужува Куманово.
На крај, сите го гледаат за што се бори Максим Димитриевски – за власт по секоја цена, за свои пари, за свои интереси, и со кого и да треба ќе се коалицира, само ако него го спасат. Такви луѓе немаат место во иднината на Куманово и на Македонија. Време е граѓаните да го вратат градот и државата од рацете на ваквите профитери“, изјави Марина Манојловска, претседателка на Форум на Жени на СДСМ Куманово.
Македонија
Муртезани во Париз: Зајакнување на француско-македонското партнерство и на европската интеграција

Министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Париз, со средба со министерот делегиран за Европа во Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, Бенжамен Хадад, ја започна својата работна посета на Француската Република. Разговорот се одвиваше во светло на новата геополитичка реалност во Европа, во која партнерството меѓу Северна Македонија и Франција добива нов импулс во насока на продлабочување на европската интеграција, политичката стабилност и отпорноста на регионот кон надворешни влијанија.
Во фокусот на средбата беа перспективите за унапредување на билатералната и институционалната соработка, особено во доменот на политиката на проширување на Европската Унија со регионот на Западен Балкан, како и зајакнувањето на политичкиот дијалог и координацијата во клучните политички европски и безбедносни прашања, извести Министерството.
Муртезани ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија да понуди стабилно, демократско и реформски-ориентирано партнерство, поддржано со конструктивен придонес за добрососедските односи и регионалната соработка. Во таа насока, Муртезани ја истакна потребата од континуирана и принципиелна француска поддршка за евроинтегративниот процес, потенцирајќи дека целосната интеграција на Северна Македонија и регионот во Унијата останува најсилниот гарант за долгорочна стабилност, демократска консолидација и европски просперитет. Во таа смисла, тој нагласи: „Потребна ни е посветеноста на Франција за да постигнеме заеднички успех и решителен напредок кон консолидирањето на Европа во овие турбулентни геополитички времиња.“
Министрите се согласија дека зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за обете земји. Беа истакнати и веќе постојните француски иницијативи, меѓу кои ангажманот на технички експерти во македонски институции, како конкретен придонес за унапредување на реформските процеси и ускогласување со европските стандарди. Од страна на министерот Хадад беше повторена цврстата поддршка на Франција за европската перспектива на Северна Македонија.
На средбата беа разгледани и натамошните чекори за продлабочување на стратешката рамка на соработка меѓу Северна Македонија и Франција, особено преку промоција на нови можности за француски инвестиции во енергетиката, дигиталната трансформација и инфраструктурата, како и зајакнување на размената во сферата на образованието и културата. Министерот Муртезани ја реафирмираше определбата на Владата за продолжување на реформите и за иницирање на нови форми на институционално партнерство со Франција, препознавајќи го Париз како незаменлив сојузник во реализацијата на стратешките евроинтегративни цели на Северна Македонија, се додава во соопштението на Министерството.