Македонија
(Видео) Димитриевски: Гласовите на граѓаните му даваат сила и легитимитет на Претседателот на државата да и каже не на извршната и на законодавната власт
Кандидатот за Претседател на Македонија, Максим Димитриевски, од Движењето ЗНАМ- За наша Македонија, вечерва се обрати пред граѓаните на Гостивар.
„Влеговме во еден процес којшто се вика одбрана на државата. За да си ја одбраниш државата треба првично да имаш храбри и мотивирани граѓани, рече Димитриевски и додаде дека – спас ќе има ако се кренеме. Зашто спасот е во нас самите, да се поткрепиме, да се потпреме еден на друг и да тргнеме во една организирана борба. Оваа генерација на луѓе мора да го носи тој товар и ние сме тие кои треба да ја преземеме одгворноста. Нашата борба се вика поубава, подостоинствена Македонија и достоинствен граѓанин којшто е среќен во неа“, рече Димитриевски.
Тој потенцира дека може да се направи реална промена, за што пример е неговото Куманово.
„Се одваживме во Куманово, кога сите не отпишуваа. Се организиравме и на крајот СДСМ катастрофално изгуби, а ВМРО не победи. Ајде тоа да го сториме тука во Гостивар, а и во цела Македонија“.
Тој, пред гостиварчани рече дека треба да се стави крај на самовластието, енормната корупција и криминалот којшто е на секој чекор.
„Наша цел во Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, првенствено е Македонија да ја вратиме таму од каде тргнала, на Крушевскиот Манифест, на АСНОМ-ските повелби кои се згазени. Македонецот никогаш во историјата не побарал од никого ништо, нити зел нешто што не е негово, а во континуитет сакаат да му земат. Искрено да ви кажам доволно беше!“ рече Димитриевски.
Според него Македонија заслужува Претседател кој е од граѓаните и е за граѓаните.
„Претседател кој ќе го штити интересот на нашата држава, нашите граѓани, но притоа ќе ја почитува својата етногенеза и историја. Јас го нудам тоа со мојата програма „Манифест за Македонија“. Во неа се наброени најнеопходните активности што треба да се направат за да се надминат генерираните проблеми со конкретни рокови. Тука, во Гостивар ќе истакнам само еден од приоритетите. За мене како иден Претседател на Македонија е неприфатлива смена на Уставот во делот на изборот на Претседателот во парламентот. Затоа што тој ја црпи својата сила од гласовите кои ги добива на непосредни избори од граѓаните. Тоа му дава легитимитет да каже не и на извршната и на законодавната власт“, потенцира тој.
Димитриевски ги повика гостиварчани масовно да излезат на 24 април, затоа што од овие избори зависи која насока ќе ја избере Македонија.
„Дали ќе продолжи да биде приватна држава на поединци или ќе биде реална граѓанска држава во која еднакави права ќе имаат сите граѓани“.
Денеска кандидатот за Претседател на Македонија, Максим Димитриевски имаше средби со граѓани на повеќе локации во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.