Македонија
(Видео) Директорката на Клиниката за кожни болести заразена со коронавирус
Директорката на Клиниката за кожни болести е заразена со коронавирус. Таа пред една недела се вратила од Италија и една недела одела на работа. Министерот за здравство, Венко Филипче, изрази огромна разочараност поради непочитување на апелот за самоизолација по пристигнување од ризичен регион.
„Доцна синоќа беше дијагностицирана пациентка позитивна на коронавирус, претпладнево се сместува на Клиниката за инфективни болести. Нејзината состојба, како и на двајцата сопружници е стабилна, има лесна клиничка форма, додека состојбата на првозаразената е целосно стабилизирана. Станува збор за наша колешка, лекарка“, рече Филипче.
Тој кажа дека е огромно разочарувањето поради тоа што не се почитуваат препораките за автоизолација во период од 14 дена по пристигнување од ризични региони.
„Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат сериозно. Не можеме да ги затвориме границите, ниту една европска земја го нема направено тоа“, кажа министерот.
На новинарско прашање дали и какви мерки ќе бидат преземени против директорката на Клиниката, Филипче не даде конкретен одговор и кажа дека ќе бидат санкционирани сите кои ќе го загрозат јавното здравје.
„Сега е таа на лекување, ќе биде затворен целиот оддел. Ќе бидат преземени мерки за сите кај кои ќе биде утврдено дека го загрозиле јавното здравје и тука јасно ја упатувам таа порака. Со сите препораки кои ги дадовме и мерки сме во предност пред целиот регион, а тоа се апелите за неодржување јавни собири, автоизолација по доаѓање од ризични региони, добро спроведување на веќе препорачаната мерка домашна изолација. Секаде каде што ќе видиме прекршок ќе преземеме најостри мерки за санкционирање. Во однос на конкретниот случај со оглед на тоа што сега ќе биде колешката хоспитализирана, сите ќе бидат во домашна изолација, нејзини колеги, колешки, пациенти и сите вработени. Морам да кажам дека сум максимално разочаран“, рече министерот.
Филипче кажа дека можно е денеска одделот каде што работела докторката да биде целосно затворен. Според проценка на епидемиолозите, можно е сите вработени и пациенти да се испратат во домашна изолација, а сите прегледи ќе бидат насочени кон други јавни здравствени установи.
„Добро е што колешката во изминатата недела немала ден во амбуланта па немала контакт со пациенти од надвор“, рече Филипче.
Бројот на заразени со коронавирус во државата е четири. На првозаразената пациентка во текот на денешниот или утрешниот ден ќе ѝ биде направен контролен тест за да се утврди дали ќе биде пуштена од болница. Утре завршува и 14-дневниот карантин на сопатниците и на возачот од комбето со кое патувала првата пациентка. Со нив ќе бидат направени интервјуа и согласно информациите ќе биде донесена одлука дали ќе им бидат направени тестови за коронавирус или ќе им се продолжи домашната изолација.
Филипче уште еднаш потенцира дека секој кој доаѓа од ризичен период и да нема симптоми при доаѓање во земјата мора да остане во автоизолација 14 дена.
Министерот кажа дека е испратено барање до Стопанската комора да се испратат податоци кои туристички агенции организирале патувања за 8 Март, колку автобуси и кога се очекува нивно пристигнување во земјава.
„Упатувам смирувачка порака, целосно сме посветени на решавање на ова прашање, будно ја следиме ситуацијата во регионот и во Европа“, кажа Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Советот на Општина Центар не ја изгласа одлуката за техничка исправка на ДУП за дел од локалитетот Буњаковец 1
Советот на Општина Центар на денешната седница не ја изгласа одлуката за техничка исправка на Деталниот урбанистички план за дел од локалитет Буњаковец 1, конкретно за ГП 13.1 и ГП 13.11, со локација кај поранешната печатница „Нова Македонија“.
Сите 23 советници гласаа против донесувањето на предлог-одлуката.
,,Ние, како администрација, имаме обврска точката да ја ставиме на дневен ред и воедно да ги посочиме сите импликации. Советниците се тие што гласаат и ја носат одговорноста. Нема потреба од прозивки, медиумски пи-ар и театар. Овде станува збор за буџетот на граѓаните, а не за партиски интереси. Советот мора да носи одлуки во интерес на граѓаните, а не за дневнополитички калкулации“, рече градоначалникот на Општина Центар. Горан Герасимовски
Претходно, Комисијата за урбанизам на Општина Центар даде позитивно мислење за предлог-одлуката.
Од оптината појаснуваат дека согласно законот за техничка грешка, исправката во донесен урбанистички план не подразбира никакви измени во планирањето или параметрите на планот туку станува збор исклучиво за корекција на грешка во техничкиот дел на исцртување на планот. Во конкретниот случај, како што додаваат, градежната парцела во мал дел не била целосно затворена, односно оформена.
Македонија
Мицевски се сретна со францускиот амбасадор: Фокус на борбата против корупцијата и реформите
Денес во Собранието, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, оствари средба со амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер и првиот советник Филип Маршето.
Во фокусот на средбата беа заложбите на владејачкото мнозинство за бескомпромисна борба против корупцијата и остварување на видлив економски развој за граѓаните и земјата. Дополнително, координаторот Мицевски ја истакна подготвеноста на Собранието и понатаму да биде силен двигател на реформските процеси кои не’ приближуваат до европските стандарди.
Во разговорот се нагласи дека заедно со нашите европските пријатели чекориме кон градење на просперитетна и сигурна европска иднина за сите.
Македонија
„Авиончето на браќата Рајт“ отвори расправа: СДСМ ја прашува Сиљановска зошто со колегите од Европа не разговара за платите
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагира на изјавите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со потребата од нов, поголем владин авион.
Од СДСМ велат дека претседателката најчесто летала со владиниот авион -13 пати, а притоа не соопштила колку тие летови ги чинат граѓаните.
„Сите тие сакаат да се луксузираат на грбот на народот, ништо не им е доволно големо, ништо не им е доволно. Само за платите на работниците кога ќе стане збор, тие се доволни, никако да ги покачат. 600 евра минимална плата за нив е премногу, авионите им се мали“, велат од партијата.
СДСМ тврди дека лет со владиниот авион може да чини и до 40 илјади евра, и дека комерцијален лет во економска класа е значително поевтин.
„Кој претседател досега воопшто ја отворал темата за големината на авионот? Ги праша ли Гордана Сиљановска нејзините колеги претседатели што мислат за тоа што македонските работници имаат најниски плати и во Европа? Што мислат за тоа што минималната плата во Македонија е најмала во регионот? Или што животниот стандард на македонските граѓани е најнизок? За тоа не и се зборува за Сиљановска, само за луксузи и авиони“, велат од СДСМ.
Претходно денес, претседателската Гордана Сиљановска-Давкова рече дека владиниот авион е стар 25 години, купен на старо, и дека според неа треба да се размислува за набавка на нов, но поголем авион.
Говорејќи по свеченоста во Институт за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, таа во деминутив го нарече „владиното авионче“, посочувајќи дека нејзини колеги претседатели од регионот го нарекувале „авиончето на браќата Рајт“, бидејќи е најмало и најстаро.
Сиљановска-Давкова изјави дека користењето на владиниот авион понекогаш овозможува пофункционално извршување на државните обврски и дека може да биде и поевтино од комерцијалните летови. Сепак, додаде дека не е пријатно што авионот е стар 25 години и купен на старо.

