Македонија
(Видео) Директор во МЕПСО од СДС и ДУИ претходно бил управител во „Шанси инвест“ од Албанија, која добила 10-милионски тендер, рече Петрушевски
„Раководството на МЕПСО од СДС и ДУИ имало длабоки релации со Албанската фирма Шанси инвест, која го добила тендерот за набавка на уред за корекција на напонски профил заедно со Далековод АД Загреб“, рече Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Мелаим Адеми кој бил раководител на комерцијален сектор во МЕПСО, кога Шанси инвест го добила тендерот, своевремено бил управител на подружницата на Шанси инвест во Скопје.
ЈО треба веднаш дс отвори постапка за оваа набавка, и да ги испита сите докази.
Дали Шанси инвест е фирма која е параван за наплата на функционери на СДС и ДУИ?
Колку пари од МЕПСО завршиле на сметка на Шанси инвест, која буквално нема никаква додадена вредност во набавката, освен штанцање на фактури кон МЕПСО за наплата, пред да и префрли пари на фирмата производител?
На чии сметки на лица од СДС и ДУИ требале да завршат парите во разликата во цени од Шанси инвест?
ЈО да презема акција. Одговорност мора да има“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Започнува доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Ѓорче Петров, инвестиција од 42 милиони денари
Општина Ѓорче Петров денес официјално го потпиша договорот за доградба на ООУ „Јоаким Крчоски“, со што започнува реализацијата на инвестиција вредна 42 милиони денари.
Проектот опфаќа проширување на училиштето со современ, функционален и енергетски ефикасен простор со површина од околу 600 метри квадратни, целосно прилагоден на потребите на учениците и наставниот кадар.
Со доградбата, училиштето ќе добие осум нови училници на две нивоа, придружени со нови санитарни простории, современ скалишен простор и комуникациски ходници, како и нов влез кој ќе го поврзува проширениот дел со постојниот објект. Преку т.н. „топла врска“ ќе се обезбеди непречено движење и целосна интеграција на новиот дел со училиштето, што значително ќе го подобри функционирањето и ќе обезбеди подобри услови за сите.
Во новиот објект ќе биде инсталиран и модерен систем за греење и ладење со топлинска пумпа, кој ќе овозможи висока енергетска ефикасност и стабилна температура во текот на целата година, создавајќи пријатна и продуктивна средина за учење.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека проектот е директна инвестиција во иднината на најмладите.
„За нас, најмладите се највисок приоритет. Со оваа доградба, создаваме подобри услови за работа, поголеми капацитети и современо училиште какво што им доликува на нашите деца – модерно, безбедно и подготвено за иднината“, рече Стојкоски.
Македонија
„Син ми многу сакаше кафе, напијте се”: мајка на загинато дете ги послужи новинарските екипи на паузата од судењето
На првата пуаза од судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откога многумина бранители побараа одлагање на судењето и нова листа на докази бидејќи обвинителството ги спои постапките за дискотеката „Пулс“ и за агенцијата „Рубикон“, мајка на едно од загинатите деца пред објектот на судницата ги послужи кафе новинарските екипи и семејствата на загинатите.
„Никаде не одиме без кафе, син ми многу пиеше кафе. Ајде напијте се“, рече таа.

Во тек е пауза на судењето. Судијката одобри 15 минути пауза затоа што голем број од обвинетите побараа пауза за тоалет.
Македонија
Муцунски во работна посета на Брисел: во фокусот унапредување на соработката меѓу ЕУ и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел ќе присуствува на неформалната вечера на Советот за надворешни работи на Европската унија, по покана на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас. Настанот ги обединува министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на земјите од Западен Балкан.
На состанокот е предвидено да се разговара за унапредување на соработката меѓу Европската унија и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани и зајакнувањето на демократската отпорност.
Во рамки на посетата на Брисел, министерот Муцунски ќе има и одвоени средби со европската комесарка за проширување, Марта Кос, како и со Глен Микалиф, европски комесар за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт

