Македонија
(Видео) ДОМ: Премин кон зелена економија како излез од корона-кризата
Денес, во организација на невладината организација „Зелен институт“ и ДОМ, со поддршка на фондацијата „Биро де Хелинг“ од Холандија, се одржа онлајн-конференција на тема: „Зелена економија за излез од корона-кризата“. На конференцијата воведни обраќања имаа Наташа Амдију, претседателка на Зелениот институт, и Маја Морачанин, претседателка на зелената партија ДОМ. На конференцијата, која ја модерира Лилјана Поповска, учествуваа и експерти од областа на животната средина, претставници на институции и граѓански организации.
Маја Морачанин истакна дека зелената економија, која ги интегрира социјалната правда, заштитата на животната средина и климата и одржливиот економски развој, е концептот за развој на македонското општество по корона-кризата.
На работната сесија на конференцијата говореа: Ана Петровска – државна секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, која зборуваше за зелени работни места како потенцијал за вработување на младите, Кристијан Балевски од Првата органска задруга – Валандово, чија тема беше „Органско производство и здрава храна како предизвик за младите“, Ервин Реџепагиќ, инженер по електроника, од приватниот сектор, зборуваше за енергетиката, новите технологии и дигитализацијата.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, ги објасни предизвиците на екотуризмот – можност за локален економски развој, а Христина Оџаклиеска, планер со посебни овластувања во Агенцијата за просторно планирање, го презентира концептот на зелена економија во интерес на јавното здравје. Мирослав Богдановски, раководител на Градскиот инспекторат во Скопје, зборуваше за воведување еколошки стандарди во индустријата и инспекциски надзор.
По излагањето на сите учесници, се отвори дискусија, од која произлегоа следните заклучоци:
По корона-кризата, македонското општество треба да се развива според концептот на зелената економија по принципите на социјална правда, заштита на животната средина и климата и одржлив економски развој. Потребно е да се овозможи праведна енергетска транзиција од употреба на фосилни горива кон обновливи извори на енергија, учеството на ОИЕ од сончева енергија и ветер да биде најмалку 40 отсто до 2040 година, поддршка на граѓаните за производство на електрична енергија од ОИЕ, отстранување на ограничувањето од 4 KW на инсталирана моќност на постројки од фотонапонски панели за физички лица, инвестирање и поддршка за енергетска ефикасност на јавни, приватни објекти и индустриски процеси, инвестирање во истражувања и иновации. Отворање зелени работни места, со воведување соодветни програми во редовниот образовен систем на сите нивоа, и субвенционирање обуки за доквалификација и преквалификација на струките што се неопходни за премин кон зелената економија. Носење закон за социјално претприемаштво со цел формализирање на неформалната економија.
Производство на локална здрава храна и инвестирање во органското земјоделство за да биде примамливо и атрактивно за младите. Поддршка на задругарството како начин на здружување за зголемување на капацитетите, а во исто време и намалување на трошоците.
Зголемено искористување на ИПАРД-средствата, приспособување на критериумите, со цел овозможување брза имплементација, и да почне финансирањето преку Македонската банка за поддршка и развој.
Овозможување електрична енергија за секој земјоделски производствен капацитет, субвенционирање соларни панели и пумпи за наводнување, со што ќе се зголеми производството, и забрана за издавање дозволи за Г1-тешка индустрја во сите земјоделски региони во Македонија.
Развој на екотуризам и рурален туризам наместо масовен туризам, измена на Законот за туристичката дејност, носење стратегија за развој на туризмот, стратегија за екотуризам и рурален туризам.
Формирање агенција за дигитализација, воведување е-услуги на сите нивоа помеѓу институциите, помеѓу институциите и граѓаните и институциите и бизнис-секторот; имплементaција на концептот Smart City и интернет-систем, платформи за здравствена заштита и образование.
Воведување на концептот за зелени паметни градови за здраво и хумано живеење, доследна примена на новиот Закон за урбанистичкото планирање и Законот за урбаното зеленило, носење нов правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, интегрирање зелена инфраструктура, воведување зелен транспорт, воведување зелени зони, без автомобили, во централните градски подрачја, повеќе пешачки зони, велосипедски патеки и зголемен процент на јавни простори.
Инвестиции во изградба на железничката мрежа, со цел поврзување на сите населени места со железнички сообраќај, субвенции за електрични и хибридни возила.
Изградба на пречистителни станици за отпадни води, доизградба на колекторскиот систем на Охридското Езеро, одземање на дозволите за санација на речно корито при злоупотреба со цел ископ на песок, санација на мрежата за водоснабдување за да се намалат загубите на вода, инвестирање во заштита од ризик од поплави.
Премин од линеарна кон циркуларна економија за намалена експлоатација на природните ресурси, поттикнување за реупотреба на производите, рециклирање и создавање што помала количина отпад за депонирање. Воспоставување интегрирано регионално управување со отпадот.
Попис на сите индустриски загадувачи во земјата со изработка на катастар на загадувачи, темелна ревизија на сите издадени еколошки дозволи и елаборати, ставање во законска рамка капацитети што работат без дозвола, континуирана обука на инспекторите и засилен инспекциски надзор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.
Македонија
(Видео) Николова до Јаневска: Ја рушите уставната автономија на универзитетите
Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерката за образование Весна Јаневска, а се однесуваа на ограничувањето на автономијата на универзитетите со предложениот закон за високо образование, односно на одредби со кои Владата дава мислење на статутот, предлага членови во Националниот совет, има влијание врз клучните академски стандарди, бројот на студенти и финансиското работење, со што се нарушува уставно загарантираната самостојност на високообразовните институции. Никлова праша и за примената на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science како критериуми за напредување, што може да доведе до дискриминација на одредени научни области и да создаде простор за институционализиран непотизам.
Почитувана јавност, денес ќе го искористам моето право да ѝ поставам две прашања на министерката за образование, коишто се однесуваат на предложениот закон за високо образование, кој пред неколку недели е прикачен на ЕНЕР.
„Ќе зборувам за две клучни работи за коишто ми се и прашањата.
Прво, за критериумот за напредување – Х-индексот, како и за опасноста од институционализиран непотизам, и второ, за системското разградување на автономијата коешто овој закон го спроведува тивко, но темелно.
Законот инсистира на Web of Science како практично единствено мерило на научната вредност, а Х-индексот го претвора во клучен услов за избор и реизбор во звање. На хартија реално изгледа модерно и објективно, но во пракса станува збор за сведување на науката на бројки, при што се дискриминираат цели научни области, особено општествените и хуманистичките науки, ги става младите истражувачи во невозможна, а со тоа и неправедна позиција и создава формална објективност која лесно се заобиколува со мрежата на моќ.
Дополнително, морам да укажам на уште еден логички и правен парадокс. Законот предвидува повисоки и построги критериуми за реизбор во звање редовен професор отколку за самиот избор во тоа звање. Ова е апсурдно. Не може за едно исто звање со ист правен статус да има едни услови за влез, а други повисоки за да се остане во тоа звање. Тоа ја руши правната сигурност, ја прави академската кариера несигурна“.
Како што рече, законот не нуди реални механизми за спречување на непотизмот.
„Законот не содржи ниту една реална, ефикасна забрана за вработување на деца на професори на истите факултети каде што работат нивните родители.
Напротив, во ваков систем тоа станува дури можност за непотизам на голема врата.
Извршната власт има влијание над основните акти на универзитетот, унапредувањето и вработувањето на кадрите, финансиите, уписот, па дури и опстанокот на институциите. Е, тоа е автономија колку што дозволува власта и министерот.
Затоа ви поставувам две прашања. Како ќе гарантирате дека со примена на библиометрискиот Х-индекс и Web of Science нема да доведете до дискриминација на цели научни области и млади истражувачи? Уште поважно, како ќе спречите тие формално строги критериуми да не станат параван за непотизам, меѓусебно цитирање и затворени академски кругови?
И второто, како ја усогласувате уставно загарантираната автономија со членовите коишто ви ги посочив, а ги има уште многу, кога кумулативно овие одредби ѝ даваат на извршната власт контрола врз статутот, кадрите, финансиите и опстанокот на универзитетот“.

