Македонија
(Видео) До 19 часот приведени 12 лица

До 19 часот евидентиравме дваесетина случаи, меѓу кои имаше напад на полициски службеници, фотографирање гласачи, фотографирање гласачко ливче, спречување граѓани да гласаат и сл. Приведени или повикани во полициска станица досега се 12 лица, рече портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.
Тој рече дека во поглед на безбедноста денешниот референдумски ден минал мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир.
„Во сите случаи на загрозување на гласачкото право или нарушување на јавниот ред и мир беше експресно реагирано, а во повеќето од случаите сторителите беа приведени или повикани во полициска станица. До 19 часот евидентиравме дваесетина случаи, меѓу кои имаше напад на полициски службеници, фотографирање гласачи, фотографирање гласачко ливче, спречување граѓани да гласаат и сл. Приведени или повикани во полициска станица досега се 12 лица“, рече Ангеловски.
Некои од овие случаи, додаде тој, се веќе документирани и поднесени се соодветни поднесоци, а другите ќе се расчистат во текот на наредните денови.
Тој потенцира дека ова не се целосни бројки затоа што постои можност да е регистриран уште некој случај при крајот на гласањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Два земјотреси утринава ги разбудија граѓаните на Охрид и на Струга, епицентарот во Пештани

Два земјотреси со епицентар во подрачјето Пештани–Охрид–Струга беа регистрирани рано утринава од страна на Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Според податоците од Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, првиот земјотрес се случил во 5 часот и 7 минути, со магнитуда од 3,4 степени според Рихтеровата скала, а вториот девет минути подоцна, во 5:16 часот, со магнитуда од 2,3 степени.
Епицентрите на двата земјотреси се наоѓаат на околу 100 километри југозападно од Скопје, во регионот меѓу Пештани, Охрид и Струга.
Земјотресот во 5:07 часот бил почувствуван од населението во Охрид, Струга и блиската околина, со интензитет од IV степени според Европската макросеизмичка скала. Засега нема пријави за материјални штети или повредени лица.
Македонија
МЕПСО: Прекинот на струја е поради европски проблем со висок напон, системот е стабилизиран

Во раните утрински часови денеска, делови од земјава се соочија со краткотраен прекин во напојувањето со електрична енергија, откако дојде до дефект на преносната мрежа од 110 киловолти.
Од АД МЕПСО информираат дека прекинот бил резултат на високите напони во регионалната 400 kV мрежа, што предизвикало испад на енергетските трансформатори во неколку трансформаторски станици.
„Станува збор за регионален и европски проблем со кој се соочуваат повеќето преносни систем оператори. Причината е нискиот транзит и нискиот конзум на струја во текот на ноќта и за време на викендите, особено во овој период од годината“, соопштуваат од МЕПСО.
Според официјалните информации, екипите на МЕПСО веднаш реагирале на терен и за нешто повеќе од еден час успеале целосно да го нормализираат снабдувањето со струја низ целата држава.
„Напојувањето е стабилизирано, а нашите екипи продолжуваат со работа на одржување на стабилноста во енергетскиот систем“, велат од компанијата.
Од МЕПСО потенцираат дека преку реализација на нови инвестиции и интензивна соработка со соседните оператори, се вложуваат напори за да се зголеми сигурноста на мрежата, која во минатото, како што велат, била запоставена и неадекватно одржувана.
Компанијата уверува дека останува во постојана координација со регионалните партнери со цел да се обезбеди сигурно и непречено снабдување со електрична енергија.
Во петокот министрите Стефан Андоновски и Сања Божиновска најавија дека до крајот на мај се очекува Предлог-законот за сајбер безбедност да ја помине владината процедура, а на почетокот на јуни да влезе во собраниска расправа.
Министерот за дигитална трансформација, Андоновски, нагласи дека законот нема политичка димензија, туку има цел да го зајакне целокупното општество, особено во услови на зголемени сајбер напади врз критичната инфраструктура, како системите за пренос и производство на струја. Тој додаде дека македонскиот електропреносен систем е безбеден, но дека безбедноста мора постојано да се унапредува.
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, потсети дека МЕПСО лани беше мета на сериозен сајбер напад и подвлече дека заштитата на енергетската мрежа е прашање од национален интерес. Таа најави дека сè уште се размислува дали заштитата ќе ја спроведуваат државни институции или приватни компании, но дека приоритет ќе биде најдоброто решение за граѓаните.
Пред две недели министерката Сања Божиновска најави дека нема да има исклучувања на фотоволтаиците во летниот период, а денес повтори дека со 90 отсто сигурност нема да се случи „блек аут“ како оној што ги парализира Шпанија и Португалија минатата недела.
„Сите мерки се преземаат навремено, системот е под контрола. Исклучувања на фотоволтаици се правеа само кратко за Велигден, и тоа со претходна координација“, рече Божиновска по потпишувањето на договорот за гасовод со Грција.
Министерката уверува дека во лето, кога потрошувачката ќе порасне поради вклучување на клима-уредите, мрежата ќе остане стабилна.
Македонија
Вреди: Планот на ДУИ не успеа, не нè поколебаа, туку нè зајакнаа

Коалицијата Вреди испрати силна порака до јавноста дека останува целосно обединета и политички стабилна, отфрлајќи ги обидите за раздор како неуспешни и контрапродуктивни. Во соопштение упатено до медиумите, од Вреди порачаа дека се посилни од кога било, синхронизирани во целите и визијата, со јасна определба да останат клучен фактор во новото парламентарно мнозинство.
„Обидите на ДУИ, преку Таравари, да предизвикаат земјотрес во нашата коалиција, завршија како политички бумеранг. Не само што не нè поколебаа, туку не’ направија уште посилни“, велат од Вреди.
Од коалицијата потенцираат дека се решени да ја спроведат агендата која ја ветиле на изборите – унапредување на правата на Албанците, борба против корупцијата и враќање на државата во функција на сите граѓани.
„Вреди е новото лице на политиката. Ние не се плашиме од старите шеми, напротив – токму Вреди е земјотресот што ќе го сруши трулиот систем на ДУИ“, велат од коалицијата.
Според најавите, во наредните денови се очекуваат нови политички потези и кадровски решенија кои, како што велат од Вреди, ќе ја зацврстат нивната улога како водечка политичка сила во албанскиот блок.
„Ние не сме случајна коалиција. Вреди е сериозен политички проект кој ќе остане столб на новата власт и гарант на стабилноста“, се вели во соопштението упатено до медиумите.