Македонија
(Видео) „ДПМНЕ и Тошковски ја загрозуваат безбедноста на граѓаните“, вели Талевски
„Два месеца откако ВМРО-ДПМНЕ го презеде раководењето со Министерството за внатрешни работи, безбедносната состојба во Прилеп никогаш не била полоша. Она што особено ги загрижува граѓаните на Прилеп, е зачестениот тренд на опожарување на возила. Во последните неколку недели, запалените автомобили станаа прилепско секојдневие. Горат автомобилите на наши сограѓани: бизнисмени, обвинители, адвокати. Дневните билтени на МВР се претворени во регистер на настани од рубриката „црна хроника“, а фактот дека ниту еден од сторителите и нарачателите на овие дела не е откриен, го зголемува чувството на страв и несигурност кај граѓаните“, вели Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
„Заради нестручноста на партиските војници на ДПМНЕ инфилтрирани во највисоките раководни структури на МВР, Прилеп стана опасно место за живеење.
И покрај тоа што на сите 15 клучни оддели за борба против криминалот техничкиот министер Панче Тошкоски постави свои началници, во изминатите два месеца Министерството за внатрешни работи не испорача никакви резултати.
Ветувањата на Тошкоски дека ќе ја интензивира борбата против криминалот, дека криминалните банди ќе станат минато, останаа мртво слово на хартија.
Голема лага беше и ветувањето на неговиот партиски шеф Христијан Мицкоски, дека кадрите на ДПМНЕ за две недели ќе ги расчистат сите афери и скандали во државата.
За само два месеца, ДПМНЕ не’ потсети на 11-годишното живеење во режим и повторно на дело го врати системот МВРО-ВМРО. Во ДПМНЕ ништо не е сменето. Тоа е истата режимска и антиевропска партија, за која граѓанските права и демократските вредности се мислена именка.
Нема промена на подобро со ДПМНЕ, тоа е партија која не може да донесе позитивна промена. Со ДПМНЕ загрозена е безбедноста на граѓаните на Прилеп.
Загрозувањето на европскиот пат значи и загрозување на безбедноста на граѓаните, тоа прилепчани добро го знаат“, изјави Миле Талевски, пратеник на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

