Македонија
(Видео) Заев: Во следниот мандат ќе обезбедиме уште повеќе пари кај граѓаните
Во следниот мандат ќе обезбедиме уште повеќе пари кај граѓаните за уште подобар економски стандард, вети лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
„Уште во првите 100 дена од мандатот ја зголемивме минималната плата и тоа за сите сектори, без да има дискриминирани работници, како што беа тоа вработените во кожарската, чевларската и во текстилната индустрија. Денес, и по сите противења на ВМРО-ДПМНЕ, минималната плата изнесува 14.500 денари. До крајот на новиот мандат ја носиме на 20.000 денари, односно дури 120 отсто повеќе од минималната плата од 9.000 денари во времето на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Заев.
Во овие 3 години, рече тој, пораснала и просечната плата, а дека крајна цел на СДСМ е просечна плата од 34.000 денари до крајот на мандатот ако ја освојат власта.
„Ја исправивме и неправдата кон стечајните работници. Денес, 12.000 наши сограѓани добиваат по 8.000 денари месечен надоместок, а во следниот период добиваат и домашна платежна картичка од 9.000 денари. Додека многумина не веруваа, а ВМРО-ДПМНЕ силно се противеше, ја воведовме и спроведовме најсериозната и најраспространета мерка со која првпат државата враќа пари директно на сметките на граѓаните. Со Мој ДДВ за три квартали вративме 10,7 милиони евра кон граѓаните. Овој проект продолжува и е уште подобар затоа што лимитот го зголемуваме од 600 на 800 денари месечно, од 7.200 на 9.600 денари годишно од корисник“, рече Заев.
Со концептот парите кај граѓаните, додаде тој, не застанавме ниту кога се соочуваме со здравствена и економска криза. Напротив, рече Заев, продолживме да го реализираме уште подобро и уште повеќе.
„Со домашните платежни картички и со ваучерот за туризам кон повеќе од 324.000 граѓани граѓаните вративме 28 милиони евра за купување наши, македонски производи и услуги, за посета на наши домашни туристички центри и објекти. Во следниот период, покрај стечајните работници, домашна платежна картичка од 9.000 денари добиваат и пензионерите со пензии пониски од 15.000 денари, лицата што се пасивни баратели на работа и самохраните родители“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

