Македонија
(Видео) Заев го повика претседателот да донесе одлука за вонредна состојба
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, ја поздрави одлуката на Владата да побара вонредна состојба и го повика претседателот на државата да ја донесе одлуката за вонредна состојба.
„Се справуваме со еден од најголемите глобални предизвици, да го заштитиме здравјето и сигурноста на граѓаните во време на пандемија и ширење на коронавирусот. Во време кога целосно сме посветени и се бориме со широкораспространетиот вирус, пристигна и многу важна вест за иднината на нашата држава и врвен стратешки приоритет: Северна Македонија е веќе 30-та земја членка на НАТО!
Во вонредни околности Сенатот на Шпанија првпат гласаше од далечина, телематски само за нас, и без ниту еден глас против го ратификува протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО. Со овој пријателски чин завршен е процесот на ратификации на протоколот во сите земји членки на алијансата во неверојатно тешки услови.
Испишавме историја за нашата држава и сите наши граѓани во тешко време кога сме фокусирани на заштита на здравјето и сигурноста на граѓаните. Успеавме да го оствариме тридеценискиот сон на многу генерации и покрај сите предизвици со кои денеска се соочуваме затоа сите се гордееме на овој историски успех. Ги остваривме заложбите на претходните генерации, ја обезбедивме сегашноста и ги загарантиравме сигурната и стабилната иднина на генерациите што доаѓаат по нас. Ова е верификација на вистинските државнички политики во изминатите 2,5 години. Уште од првиот ден од мандатот моравме да ѝ се посветиме на нашата земја и да ја вратиме на патот на интеграциите во ЕУ и НАТО. Сега темелите се поставени и продолжуваме напред, да градиме безбедна, стабилна, развиена земја, како основен услов за да може и економски посилно да се развива, за подобар живот на сите наши граѓани.
НАТО значи безбедни граници, стабилност и сигурност. Но, НАТО е и пазар од 4 милијарди евра годишно. НАТО е повеќе инвестиции, нови работни места, повеќе пари, повисок животен стандард за сите граѓани. Станавме дел од НАТО, на ред е вториот стратешки приоритет – членството во ЕУ“, рече Заев.
Според него, покажавме дека можеме да се соочиме со предизвиците. Сега е време сите заедно да се фокусираме на новиот предизвик, да го заштитиме здравјето на сите граѓани и заедно да се избориме со коронавирусот.
„Солидарноста и заедништвото се најсилното оружје за справување со каква било опасност. Затоа е исклучително важно да ги следиме и доследно да ги почитуваме мерките и препораките од надлежните институции. На тој начин да помогнеме во заштита на здравјето и спречување на коронавирусот. Уште еднаш ја поздравувам одлуката на Владата да побара воведување вонредна состојба.
Имајќи ја предвид сериозноста на ситуацијата, воведувањето вонредна состојба ќе придонесе за брзо и ефикасно да се спроведуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните, но истовремено и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните.
Уште еднаш сакам да им се заблагодарам и да им оддадам јавно признание и почит на сите што учествуваат во борбата против овој вирус, здравствените работници, полициските службеници, припадниците на Армијата, службениците, институциите и медиумите. Државнички и одговорно е да бидеме единствени во дејствувањето, маката да ја споделиме, заедно сме посилни и секој граѓанин е важен. Граѓаните и нивното здравје да продолжат да ни бидат пред сѐ и заеднички да дејствуваме, да се издигнеме уште повеќе и ќе успееме во заедничката борба против овој вирус“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.
Македонија
Мицкоски: Ако заѕиданите пари биле од продажба на нива, што би барале во ѕидот?
Којзнае колку илјадници евра биле заѕидани, изедени и потрошени, ова е последица на антиуставниот имплант СЈО, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Презумција на невиност мора секој да почитува и никој не е виновен додека тоа не биде правосилно. Но од друга страна, сега зборувам како човек, ако навистина е точно дека тие заѕидани средства се предмет на легална трансакција, продажба на нива и слично, тогаш што би правеле во ѕидот?! Логично е тие да се наоѓаат на друго место, а не во ѕидот. И ако е така, кога ќе ви дојдат дома истражители и ќе ви ја пребаруваат куќата, тогаш логично е да им кажете, видете јас за да се обезбедам од крадци ги заѕидав парите во ѕид, ако тука копате ќе најдете 350 илјади евра. Но кога ќе ги најдете треба да знаете дека тие ми се од таа и таа продадена нива. Логично, а не да чекате после два дена да бидат откриени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски на пратеничкото прашање упатено до него за коментар на состојбите во правосудството и актуелната афера за најдените пари заѕидани во ѕид во куќата на родителите на судијата Ѓоко Ристов.
Според премиерот подраматично што овој случај може да е еден од стотици, можеби илјадници случаи во историјата на независноста на државата.
„Суштината на проблемот лежи во два процеси. Првиот процес е изборот на стотици судии во Собранието во периодот 1994-1998, мислам дека беше 1996, кога се бираа по пат на едноумие, бидејќи за жал тогаш опозицијата реши да го бојкотира вториот изборен круг на изборите во 1994 година, па немаше свои претставници и тука во Собранието имаше едноумие. И денес тие судии му пресудуваат на народот на Македонија и на правдата на државата. Тоа е првиот, според мене, лош пример. И вториот лош пример е оној антиуставен имплант СЈО, кое до ден денес претставува проблем за правдата во Македонија“, посочи Мицкоски и дополни дека ова со 350 илјади евра заѕидани во ѕид се само последица.
„Којзнае колку има заѕидани такви илјадници евра и потрошени и изедени и испиени и не знам што. И затоа е таква перцепцијата на сите оние кои треба да бидат заштитници на правдата. Не се сите такви, мал дел се, но тој мал дел ги контаминира сите“, изјави Мицкоски и забележа дека тоа е главната причина зошто нема правда во Македонија и се чувствува правна несигурност кај граѓаните и инвеститорите.
„Да оставиме судот да пресуди и тој што е виновен да одговара. Но да ве потсетам, овој случај имаше и прво полувреме, ова со заѕиданите пари е второ полувреме. Мораме да ги гледаме холистички работите“, заклучи премиерот Христијан Мицкоски и истакна дека за Владата друга опција и друг избор освен борбата за правда нема.

