Македонија
(Видео) Заев: Казнивоста нема да се избегне во ниту еден случај на корупција
Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше на конференција посветена на антикорупциските процеси и проекти на Владата, институциите и граѓанското општество „За општество ослободено од корупција“ во организација на „Цивил“ и „Зелена лупа“. На конференцијата свои воведни обраќања имаа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, генералниот секретар на Државната комисија за спречување корупција, Розета Трајан, универзитетската професорка и експертка за човекови права, Мирјана Најчевска, претседателот на „Цивил“, Џабир Дерала, и претседателот на здружението „Зелена лупа“, Ване Цветанов.
Премиерот Заев изрази благодарност за поканата и ја истакна определбата на Владата за транспарентно креирање на политиките преку заеднички дијалог со сите општествени чинители.
„Денес нема да зборувам и објаснувам колку корупцијата ни ги јаде и труе општеството и системот, туку ќе ги потенцирам најважните антикорупциски процеси во државата со кои се спротивставуваме на оваа заедничка општествена рана. Во насока на воспоставување независно, непристрасно и ефикасно судство, засновано на европските стандарди и најдобрите пракси, презедовме активности за реконструирање на законската рамка со цел да се обезбедат процедури кои ќе ја зајакнат независноста, транспарентноста и отчетноста на судството. Еднакво внимание, во широката рамка законски прописи, кои се во завршна фаза, посветивме и на препознавањето и санкционирањето на непрофесионалното и пристрасно однесување од страна на судската власт. Во овој процес постојано го имавме предвид и огромното значење на правилното функционирање на судскиот систем и ефикасната борба против корупцијата, но и почитувањето на човековите права. Во закон и во пракса“, рече премиерот Заев во своето обраќање и додаде дека Европската Унија става силен акцент на судството во претпристапниот и пристапниот процес, на начин што преговорите за полноправно членство започнуваат и завршуваат токму со поглавјето 23 „Правосудство и фундаментални права“.
Премиерот Заев соопшти дека Владата го усвои предлог-законот за спречување корупција и судир на интереси, во кој се уредуваат мерките и активностите за спречување на корупцијата, но и мерките и активностите за спречување на судирот на интереси за кои е надлежна ДКСК во кој се адресирани препораките од Европската комисија, извештајот на Прибе и извештајот на ГРЕКО кои се однесуваат на законската рамка и во чија изработката беа вклучени експерти, претставници на невладините организации и претставници на институции.
„Со овој закон, се воведува транспарентна постапка за избор и именување на претседателот и членовите на ДКСК и се зајакнуваат условите за избор и именување. Предлогот е да се спроведува на интервју со кандидатите кое ќе го врши Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието, при што прашања можат да поставуваат и претставници на граѓански организации, и здруженијата на новинари. Интервјуто ќе биде јавно и ќе се пренесува на собранискиот ТВ-канал“, рече Заев.
Во однос на одредбите што ги содржи ова законско решение, Заев рече дека се предлага зајакнување на надлежностите на ДКСК во контролата на финансирањето на политичките партии и финансирањето на изборни кампањи, се предлага да се утврди дека доставувањето на бараните податоци не претставува повреда на банкарска тајна, утврдување должност за одговорното лице во надлежната институција или од него овластено лице да ги презема сите мерки и активности за доставување на бараните информации до ДКСК, како и утврдување можност за ДКСК да бара податоци и информации од надлежни институции, правни и физички лица, заради целосно утврдување на фактичка состојба, вклучително и пристап до 17 бази на податоци.
„Внесуваме одредби согласно кои постапка за проверка на податоци од изјавата за имотна состојба, покрај во утврдените случаи, ДКСК ќе може да врши и врз основа на проценка за ризикот за корупција. Се предлага утврдување должност, доколку постојат докази дека член на семејството или блиско лице на службеното лице, се стекнал со значителен имот за време на вршење на јавните овластувања на службеното лице, ДКСК да иницира покренување постапка за испитување на основот на стекнување на имотот на тој член на семејството“, истакна премиерот Заев и додаде дека новина е и пријавувањето промени на имотната состојба да се врши и во период од две години по престанокот на функцијата и анкетниот лист доставен до ДКСК да биде јавно достапен и уште две години од денот на престанокот на функцијата на лицето што ја поднело изјавата.
„Овој закон е усвоен на седница на Влада и по неговото донесување во Собранието, очекуваме Собранието согласно со новите критериуми да започне постапката за избор на членовите и претседател на новиот модел на ДКСК. Воведуваме транспарентни постапки за избор на ДКСК со учество на невладиниот сектор и медиумите. Се проширува надлежноста на ДКСК, со зајакната надлежноста и овластувања за следење на финансирање на политичките партии. Се прецизира правото на ДКСК при проверка на податоците од изјавите за имотна состојба и интереси да бара податоци за физички, но и правни лица од банки и други финансиски институции, при што доставувањето на бараните податоци нема да претставува повреда на банкарска тајна“, порача премиерот Заев.
Во однос на досегашните активности што се спроведуваат, премиерот посочи дека имаме видливи резултатите од имплементацијата на концептот за Отворена и транспарентна влада, односно „Според индексот на отвореност, Владата како централно извршно тело е на прво место во регионот со 76% исполнување на индикаторите“, утврди истражувањето за „Отвореност на институциите на извршната власт во Југоисточна Европа и во Македонија“.
„Воведовме алатка за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Jавноста доби увид за трошењето на функционерите. Сега премиерот и министрите прават три пати помалку трошоци за непродуктивни активности. Ја менуваме перцепцијата во јавноста во насока дека постои политичка волја и подготвеност на Владата за справување со корупцијата во Македонија. Тоа го покажавме во повеќе случаи кога во јавноста беа покренати сомневања за судир на интереси или несовесно работење. Тоа го покажавме во повеќе случаеви кога во јавноста беа покренати сомневања за судир на интереси или несовесно работење. Знаевме да се повлечеме, знаевме да го слушнеме крикот на јавноста, но чесно е да кажеме дека во последните 12 месеци имаме заштедено повеќе од 100 милиони евра само заради транспарентност на постапките при јавните набавки“, рече премиерот Заев во своето обраќање и како конкретни активности што Владата ги презема во оваа насока ги наведе разрешувањето на претходниот директор на Агенцијата за туризам со образложение за несовесно и невнимателно работење, разрешувањето на директорот на Бирото за јавна безбедност, чиј службен автомобил беше забележан во странска држава.
„Владата апсеше градоначалник од своите редови кога имаше комплетни докази за криминал. Откако се појави сомнеж за транспарентноста и кредибилитетот на првиот инвестициски бран на Фондот за иновации и технолошки развој, беше воведен протокол за постапување при проценка на ризик за компании апликанти од аспект на поврзаност со носители на јавни функции и нивно влијание и сите се повлекоа од етички аспект. Политичките партии го зголемија државното финансирање за да не бидат повеќе зависни од бизнисмените кои им помагаат при нивното редовно функционирање или при кампања, а потоа им бараат одредени услуги, што многу често се сведува на корупција“, потенцираше премиерот.
На крајот од своето обраќање премиерот Заев ги потврди позициите на Владата за независно судство и обвинителство во борбата против корупцијата.
„Пред точно една година Владата, вклучувајќи ги и партиите од владината коалиција, локалната самоуправа и граѓанските организации, заеднички потпишавме декларација за борба против корупцијата. Преку неа, меѓу другото, испративме јасна порака до корумпираните дека казнивоста нема да се избегне во ниту еден случај. Од таа наша заложба ви ветувам нема да отстапиме“, рече премиерот Заев на конференцијата посветена на антикорупциските процеси и проекти на Владата, институциите и граѓанското општество „За општество ослободено од корупција“ во организација на „Цивил“ и „Зелена лупа“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.
Македонија
Гаши од Вашингтон: Северна Македонија останува лојален сојузник на НАТО и посветен партнер на САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој престојува во работна посета на Вашингтон, САД, денеска се обрати на Форумот за безбедност на тема „Инвестирање од 5% во одбраната и посветеноста кон партнерството со САД“. На настанот учествуваа светски лидери и претставници на Американскиот конгрес, при што се дискутираше за безбедноста и зајакнувањето на трансатлантската соработка.
Гаши кажа дека посветеноста на нашата земја кон НАТО е силна, водена од убедувањето дека ниту една нација не може сама да ја гарантира својата безбедност.

„Северна Македонија придонесува со дисциплина, стои покрај своите сојузници, ги исполнува преземените обврски и го докажува партнерството преку дела. Во време на глобална неизвесност, соработката во рамките на НАТО е поважна од кога било, особено за земји како нашата, во срцето на Балканот. Зајакнувањето на институциите, инвестициите во одбраната и заедничката интероперабилност се од суштинско значење за нашата колективна отпорност“, рече Гаши.
Тој додаде дека Македонија е лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на САД.
„Ние стоиме како лојален сојузник на НАТО и стабилен партнер на Соединетите Американски Држави. Како што има истакнато претседателот Џон Ф. Кенеди: „Им ветуваме лојалност на лојалните пријатели. Бидејќи обединети, има малку нешта што не можеме да ги направиме; поделени, има малку нешта што можеме да ги направиме.“ А децении подоцна, претседателот Џорџ В. Буш го потврди овој двопартиски принцип, потсетувајќи нè дека „за да го обновиме нашето единство, доволно е да се потсетиме на нашите вредности““, рече Гаши.
Во истиот дух, додаде тој, Северна Македонија ја избира одговорноста наместо двоумењето и единството наместо поделбите. „Ова е нашето ветување кон заедничките вредности, заедничката безбедност и силната Трансатлантска алијанса“, рече Гаши.

