Македонија
(Видео) Заев-Мичел: Референдумот е шанса за остварување на нашите стратешки цели и затоа поддршката на САД е клучна
Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и своите соработници, оствари средба со помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел, кој беше придружуван од амбасадорот на САД во Земјава, Џес Бејли.
На средбата премиерот Заев уште еднаш се заблагодари за континуираната поддршка којашто Република Македонија низ годините ја добива од Соединетите Американски Држави. Премиерот Заев истакна дека денешната посета на помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел е силно охрабрување за Владата, но и за граѓаните на оваа земја пред историскиот предизвик со којшто сме соочени, а тоа е спроведување на успешен референдум.
„Секоја голема одлука е резултат на компромис. Но, во нашиот случај, компромисот е исчекор напред. Исчекор што ќе ни овозможи членство во ЕУ и НАТО со сите придобивки кои доаѓаат со тоа. Референдумот е шанса за остварување на нашите стратешки цели. Тоа се цели на сите претходни генерации, донесени како наша суверена одлука, со сеопшт политички и меѓуетнички консензус. И затоа и натаму ќе продолжиме да ги охрабруваме граѓаните да гласаат на референдумот“, посочи премиерот Заев на средбата.
Мичел истакна дека Соединетите Американски Држави се импресионирани од резултатите коишто ги постигна земјава во изминатава година и пол и најде решение за проблем стар 27 години.
Помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Мичел исто така потенцираше дека Република Македонија и натаму ќе добива силна поддршка од Америка бидејќи, како што рече, очигледно е дека граѓаните посакуваат иднина во евро-атлантското семејство на народи.
Премиерот Заев повторно ја повика опозицијата јасно да го каже својот став. Бидејќи, како што рече, неодговорноста и непрепознавањето на историската шанса не се патриотски постапки. Не се постапки на лидери.
Повик до граѓаните да излезат и да гласаат на претстојниот референдум на 30 септември, преку медиумите, испрати и помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа: Нула толеранција за загадувачите
Денеска во просториите на Министерството за животна средина и планирање се одржа координативна средба на која покрај министерот Мухамед Хоџа, присуствуваа и заменик-министерката за животна средина и просторно планирање – Ане Лашкоска, директорката на Државниот инспекторат за животна средина – Ивана Гиновска, како и одговорни лица за квалитет на воздухот во министерството.
Министерот Хоџа побара од директорката Гиновска информации во врска со надзорот на работењето на Усје, како и да се изврши надзор над работењето на сите останати правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани дозволи за кои е надлежно министерството.
Целта на ваквата постапка е заедно со вонредни инспекциски надзори да се испита состојбата на терен со обврските кои произлегуваат од поседувањето на вакви еколошки дозоволи, соопшти министерството.
Воедно, од одговорните лица е побарано известување за имплементација на актуелните мерки за справување со аерозагадувањето, и дадени се задолженија за проверка на степенот на нивна реализација.
Хоџа на средбата нагласи дека ова е само првиот чекор од низата на чекори кои како министер ќе ги преземе за справување со овој повеќедецениски сложен проблем, за чие решавање ја повика соработката и партнерството од сите кои сакаат да помогнат во намалувањето на загадувањето и обезбедувањето на почиста животна средина.
Македонија
Дислокација на Цементарница не е проблем, но не може како на шведска маса да бираме што да анализираме, а што не, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека решение за воздухот во Скопје е системско решение кое ќе понуди алтернативен начин за загревање на домовите на граѓаните од источниот и западниот дел на градот каде што нема мрежа за централно парно греење. Тој денес кажа дека дислокација не е проблем за Владата, но решението смета дека треба да е системско и сеопатно оти има градови во кои нема такви големи капацитети, а загадувањето е високо.
„Што се однесува до дислокација, тоа не е никаков проблем што се однесува на Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и за Владата, но сакам да дојдам до суштината. Суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои тие во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови И на источната пората на градот и на западната порта на градот ние немаме понудено опција за граѓаните како да ги затоплуваат своите домови. Тука пред се мислам на далечинско греење и гас. И тоа е децениска негрижа. И тоа е основната суштина во целиот овој процес. Тука ние како Влада работиме, развиваме еден проект, деталите ги очекувам на почетокот на следната година“, рече премиерот Мицкоски.
На проектот веќе се работи, потпишан е меморандум за разбирање со инвеститорот за изградба на гасна електрана со чија изградба прво на граѓаните кај источната порта на градот, а потоа и на оние кај западната ќе им биде понуден алтернатива за греење. За тоа ќе треба време, но премиерот Мицкоски е задоволен што целта е одредена и што се чекори кон реализација на таа цел.
„Јас ги разбирам граѓаните. Тие се секогаш во право. Впрочем ние сите тука живееме, го дишеме истиот воздух исто како и во другите градови во Македонија каде што нема такви производни капацитети но има вонредно високо количество на ПМ 2,5 и 10 честички, така што мора ова да биде системско решение. Не можеме парцијално, како на шведска маса да си ги бираме работите, тоа што ни одговара да го анализираме, а тоа што не ни одговара да не го анализираме. Мора холистички да биде пристапот и така работиме“, рече премиерот Мицкоски денес по промоцијата на 120 нови полициски возила.
Советот на Скопје синоќа едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од Зелен хуман град, по 13-часовна седница на која, како што соопштија од движењето, за првпат биле обединети сите политички групи во Советот околу ова прашање.
Македонија
Магла на Стража, Плетвар, Крушево и на патниот правец Бунец – Маврови Анови
Намалена видливост поради појава на магла од 60 – 70 метри има на планинскиот превој Стража, до 50 метри на планинскиот превој Плетвар, од 15 – 20 метри во Крушево и до 20 метри на патниот правец Бунец – Маврови Анови.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

