Македонија
(Видео) Заев на состанок со амбасадорите од ЕУ: Земјата се движи во вистинска насока

Премиерот Зоран Заев синоќа, доцна попладне, во просториите на Владата беше домаќин на редовниот годишен состанок на амбасадорите од земјите членки на ЕУ во државава, на која биле разменети мислења за актуелните активности, со посебен акцент на процесот за интеграција на земјата во Европската Унија.
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот истакнал дека очекува до крајот на словенечкото претседателство да се постигне напредок во евроинтеграцијата на државата.
„Северна Македонија ги заврши своите домашни задачи и е целосно подготвена да ги почне преговорите со ЕУ“, нагласил Заев.
На состанокот со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, кои биле предводени од шефот на делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, се разговарало и за континуитетот во реформските процеси, во делот на правосудството, борбата против корупцијата, како и реформите во јавната администрација.
Дополнително се разговарало и за пописот како клучна статистичка операција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Османи: Од Брисел очекуваат новата Влада да обезбеди уставни измени

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, вечерва на собирот во Чаир откри дека добил директна порака од висок претставник на Европската Унија, со која, како што рече, се потврдува поддршката од Брисел за европскиот пат на државата и очекувањето дека новата влада ќе ги спроведе уставните измени веднаш по изборите во октомври.
„Денес во нашата земја е претседателката на Европската комисија, која излезе со многу јасна порака за нашата држава. Еден важен пријател од Брисел денес ме извести, и со одговорност го кажувам ова пред вас, ми рече: прашај го Али Ахмети и лидерите на НАИ дали можат да се обврзат пред Брисел дека веднаш по октомври, кога ќе се формира новата влада, ќе се обврзе за уставните измени“, рече Османи.
Тој додаде дека веќе ја презел обврската пред Брисел, бидејќи, како што нагласи, Али Ахмети и Националната алијанса за интеграции отсекогаш биле двигатели на европските процеси во државата.
„Светот разбра дека оваа ситуација е неодржлива, и само со едно излегување на гласање на 19-ти октомври ќе постигнеме многу победи: ќе го ослободиме Чаир од канџите на корупцијата, ќе го освоиме градот Скопје, ќе ја урнеме најантиевропската и најантиалбанска влада што ја имала оваа држава, но и ќе ја урнеме мицковистичката идеја што сака повторно да воспостави моноетничка доминација овде“, порача Османи.
Македонија
Османи призна дека направил грешка за поддршка на старата структура

Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, вечерва на собирот во Чаир упати порака до граѓаните, нагласувајќи дека по две децении неправда, корупција и злоупотреби дојде време општината конечно да се ослободи од кликата која го држеше Чаир во заложништво.
„Чаир дваесет години го држеа во заложништво група луѓе што им ги украдоа соништата на своите жителите, ја злоупотребија нашата доверба и профитираа од вашето разочарување и чувството дека можеби не може подобро. Но, од денес кажуваме крај, и на разочарувањето, и на стравот и ја започнуваме промената на Чаир“, изјави Османи.
Тој истакна дека овие избори не се обични, туку пресудни и претставуваат борба помеѓу народот и група луѓе кои две децении го уништувале општествениот, економскиот и урбаниот живот на Чаир.
„Ова е борба помеѓу граѓаните на Чаир од едната страна и една клика, група луѓе што владееле и го ограбувале Чаир дваесет години. И сакам да кажам дека народот ќе победи, ние ќе победиме, затоа што самите го слушаме тоа, на секоја улица и во секој агол на Чаир. Очекувањата на луѓето што бараат промена, повиците за ослободување, гласовите што бараат да се скинат синџирите на корупцијата, хаосот и узурпацијата“, порача Османи.
Тој зборуваше и за одговорноста на сите што во минатото ја поддржувале старата структура, вклучително и тој самиот, и нагласи дека денес со храброст ја признава грешката.
„Свесен сум дека некои од вас ја изгубиле довербата во политиката. Велат: ‘вие ни ги донесовте тие, сите сте исти’. И ако имам некоја слабост, ако имам чувство на совест, одговорност и вина во оваа изборна кампања, тоа е што им верувавме и ја баравме вашата доверба за нив. И имам храброст тоа да го признам како грешка“, рече Османи.
Тој нагласи дека вистинската разлика помеѓу него и неговиот противкандидат, Изет Меџити од ВЛЕН, е во тоа што тој и неговото семејство живеат во Чаир, заедно со сите негови жители, делат исти проблеми и ја чувствуваат истата борба.
„Јас живеам овде, моите деца живеат овде, ги делам тешкотиите заедно со вас. А тој што го уништи Чаир дваесет години, избега од Чаир. Избега и ни остави само ѓубре, корупција и дивоградби“, истакна Османи, испраќајќи силна порака за почеток на ново време за општината.
Македонија
Филипче од Гостивар: Национализмот на ДПМНЕ им служи за прикривање на нивната неспособност

Овој град знае дека силата е во заедништвото, не во поделбите, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на граѓанска трибина во Гостивар. Во своето обраќање, тој остро ги критикуваше политиките на власта, обвинувајќи ја дека намерно го разединува народот за да ја сокрие сопствената неспособност.
„Тие што денес владеат се обидуваат да не разделат – со лаги, со поделби, со национализам што треба да ја прикрие нивната неспособност“, рече Филипче.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила најважната лекција од историјата – дека заедништвото е силата на оваа земја. „Нивната политика е политика на поделби, на дестабилизација, на навреди. Политика која секогаш завршува со тензии во општеството“, потенцираше тој.
Филипче го истакна Гостивар како симбол на соживот, достоинство и почит меѓу луѓето и најави дека токму од тука ќе започне обновата на вредностите кои, како што рече, биле системски разорени.
„А Гостивар е симбол на спротивното: на соживот, на почит, на достоинство. И токму затоа, одовде, од градот на гостопримството, ќе почнеме да ја враќаме топлината во државата, правдата во институциите и вербата во иднината“, истакна Филипче на крајот од своето обраќање.